27.12.2023 Скопје
Годинава на пазарот во БиХ се пронајдени 46 модели на небезбедни производи кои претставувале сериозен ризик за потрошувачите, а она што најмногу загрижува е фактот што најчесто се работи за предмети што ги користат децата.
Агенцијата за надзор на пазарот на БиХ прецизираше дека има 14 модели на играчки и девет модели на детски производи.
На ризичната листа се најдоа седум модели на електрична опрема, како и производи за спорт и рекреација и слично.
„Анализирајќи ги резултатите од проактивниот и реактивен надзор на пазарот од 2023 година, беше утврдено дека повеќето небезбедни производи со сериозен ризик за потрошувачите потекнуваат од Кина (78 отсто)“, соопшти Агенцијата за надзор на пазарот на БиХ и додаде дека на оваа листа се и Турција , Италија, Јапонија, Србија и Етиопија.
Овие резултати, како што додаваат, го потврдуваат трендот од претходните години, при што, како што истакнуваат, евидентно е дека стоката произведена во Кина претставува значителен дел од опасните производи. Идентификувани се бројни ризици за производите во проактивен и реактивен надзор, како што се ризик од повреда (22), хемиски ризик (девет), ризик од задушување (седум), ризик од електричен удар и пожар (четири) и ризик од пожар и изгореници (три).
Надлежните инспекции на субјектите и округот Брчко, како што додаваат, како дел од проактивен надзор, извршиле инспекции на деловни субјекти, кои опфатиле административна проверка на документацијата, визуелна проверка и земање мостри на производи за лабораториски испитувања, преземање мерки за неусогласени производи итн.
„За време на активностите на проактивен надзор на пазарот, извршени се 147 инспекциски контроли, во рамките на кои административно, визуелно и лабораториски се контролирани 128 различни модели на производи, од кои 67 модели (52 отсто) не ги исполнувале пропишаните безбедносни барања“, соопшти Агенцијата.
Како што додаваат, од пазарот се повлечени 2.102 парчиња небезбедни производи, од кои 1.829 се уништени, со тоа што овие резултати не се конечни.
Од друга страна, во нацрт-извештајот за работата на Агенцијата за надзор на пазарот на БиХ за 2023 година, беше посочено дека, во согласност со Законот за надзор на пазарот во БиХ, системот за надзор го сочинуваат Агенцијата и инспекцијата и други органи на управата на субјектот и округ Брчко.
„Тие, во согласност со нивните надлежности, ја следат усогласеноста на непрехранбените производи што се пласираат на пазарот со пропишаните безбедносни барања“, се наведува во нацртот.
Подготвено од А.Ѓ.