grcija

29.12.2023 Скопје

Грција е подготвена да понуди некои од своите најголеми богатства за да ја „пополни празнината“ во Британскиот музеј, доколку мермерите од Партенон се вратат од тој музеј во Атина, изјави грчката министерка за култура Лина Мендони.

Лина Медони, на крајот на годината одбележана со кампањата за враќање на ова ремек дело од петтиот век п.н.е., кое од храмот Партенон во Велика Британија го однесе грофот Елгин на почетокот на 19 век, вети дека грчките галерии во Британскиот музеј нема да останат празни, доколку се вратат скулптурите.

„Нашиот став е јасен. Доколку скулптурите повторно се обединат во Атина, Грција е подготвена да организира ротирачки изложби на важни антиквитети за да ја пополни празнината“, рече Лина Мендони.

На прашањето дали Лондон веќе побарал некакви дела, Лина Мендони рече дека не се разговарало за конкретни артефакти, но нагласи дека какви било антиквитети испратени во Велика Британија ќе привлечат голем број луѓе.

„Тие ќе ја пополнат празнината, ќе го задржат и постојано ќе го обновуваат интересот на меѓународните посетители за грчките галерии на Британскиот музеј“, рече Лина Мендони, но нагласи дека секој договор, во сите негови детали, ќе мора да биде усогласен со грчкиот културен закон за наследство.

Мермерите од Партенон се познати и како Елгински мермери, по лордот Елгин, кој ги донел во Велика Британија на почетокот на 19 век, кога бил амбасадор во Отоманската империја, која во тоа време владеела со Грција.

Станува збор за збирка на класични грчки мермерни скулптури изработени под надзор на архитектот и скулптор Фидијас и неговите помошници, кои се оригинални делови на Партенон и други свети и церемонијални градби изградени на атинскиот Акропол во петтиот век п.н.е.

Грција тврди дека скулптурите се украдени, што Британија го негира, а ова прашање е предмет на спор меѓу двете земји со децении.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author