https://www.freepik.com/free-photo/overheating-planet-earth-global-warming-campaign-mixed-media_15665716.htm#query=climate%20changes&position=35&from_view=search&track=sph

14.12.2023 Скопје

Новиот извештај на Меѓународната унија за зачувување на природата покажува дека малку повеќе од 44.000 видови се најдоа на Црвената листа на загрозени видови оваа година, што е за околу 2.000 повеќе од минатата година.

Претставниците на таа организација објавија нов извештај на самитот COP28 во Дубаи, во кој беа вклучени информации за 157.000 видови, односно 7.000 повеќе од лани.

Заклучокот е јасен – кризата со биолошката разновидност на нашата планета се влошува поради климатските промени.

Животната средина стана практично смртоносна за илјадници видови, што го забрзува падот на нивната популација.

„Видовите ширум светот се под голем притисок. Каде и да погледнете, бројот на ризик се зголемува“, вели Крег Хилтон Тејлор, кој ја предводи Црвената листа.

Климатските промени ги влошија условите за живот на 6.700 видови на кои им се заканува истребување. Одредени видови лосос и желки се меѓу оние чие население рапидно се намалува поради затоплувањето на нашата планета.

Зелените желки од Јужен Пацифик и Источен Пацифик се изложени на поголем ризик, бидејќи зголемувањето на нивото на океаните го намалува брегот каде што можат да ги градат своите гнезда, па се раѓаат помалку младенчиња од овие прекрасни животни. Покрај тоа, затоплувањето на води ја намалува количината на морската трева со која се хранат желките.

На атлантскиот лосос сè уште не му се заканува исчезнување, но неговата популација е намалена за речиси една четвртина помеѓу 2006 и 2020 година, според извештајот на Меѓународната унија за заштита на природата.

Сега овие риби населуваат помалку места и се загрозени од вештачки брани и загадена вода.

Климатските промени им отежнуваат да најдат храна, додека популацијата на конкурентни, странски видови кои ги населиле нивните живеалишта почнува да расте.

Има и мали знаци дека ситуацијата се подобрува: бројот на атлантскиот лосос е зголемен во Мејн во Соединетите Американски Држави во текот на изминатата година.

Извештајот ја вклучува и првата голема проценка за здравјето на видовите слатководни риби. Една четвртина од нив – или околу 3.000 – се соочуваат со ризик од истребување.

Со зголемувањето на нивото на морето поради климатските промени, солената вода се меша со слатката вода на многу поголема површина во утоките, што им се заканува на овие видови, кои веќе се загрозени од загадувањето и прекумерниот риболов.

Најзагрозени од ова се жабите, саламандрите и другите водоземци. Се смета дека околу 41 отсто од овие видови се изложени на ризик.

„Тие се климатски затвореници поради повисоките температури, сушата – што и да се случи, водоземците не можат да ги надминат проблемите и директно се загрозени од климатските промени“, вели Вивек Менон, потпретседател на Комисијата за опстанок на видовите на Меѓународната унија за заштита на природата.

Има и добри вести. Популацијата на два вида антилопи е зголемена, иако тие се уште се далеку од постигнување стабилен број.

На пример, сахарскиот орикс, копитарот со криви рогови, претходно се сметаше за исчезнат во дивината, но сега е само „загрозен“. Му се закануваат многу нешта: од ловокрадство, до сообраќајни несреќи и се подолги суши.

Сепак, благодарение на напорите за враќање на популацијата на овој вид во африканската земја Чад, сега има 140 возрасни и речиси двојно повеќе младенчиња во голем природен резерват.

Генералната директорка на Меѓународната унија за зачувување на природата, Гретел Агилар, вели дека е јасно оти луѓето мора да ја заштитат биолошката разновидност на нашата планета и дека ако зачувувањето на природата се направи на вистински начин, има резултати.

Таа смета дека е неопходно светот да се откаже од фосилните горива за да се бори против заканата од климатските промени, што е во фокусот на овогодинешните преговори на COP28.

„Природата е тука да ни помогне, па и ние треба да и помогнеме“, вели Агилар.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author