22.12.2023 Скопје
По една недела интензивна сеизмичка активност и ерупција на вулкан на Исланд кој создаде пукнатина долга 3,4 километри и исфрли лава со брзина еквивалентна на полнење на олимписки базен на секои 30 секунди, метеоролозите сега стравуваат од ширење на многу штетни гасови.
Имено, сулфур диоксидот кој до сега дува над дивината, поради промена на правецот на ветерот, би можел да се пренесе и над главниот град Рејкјавик, кој се наоѓа на 40 километри југозападно.
Ерупцијата започна во понеделникот вечерта на југозападниот дел на Исланд во Хагафел, кој се наоѓа на полуостровот Рејкјанес, како што соопшти државната метеоролошка служба.
Пред ерупцијата, властите евакуираа 3.800 луѓе од блискиот рибарски град Гриндавик поради зголемената сеизмичка активност и повеќе од 230 регистрирани потреси. До вторник наутро, протокот на лава се намали бидејќи долгата пукнатина почна да се консолидира во кратери.
Вулканската експлозија ги надмина очекувањата на научниците.
Одделот за истражување на вулканологија и природни опасности на Универзитетот во Исланд покажа дека млазниците од магма достигнуваат висина од 100 метри.
Лавата напредувала со брзина од 1 км на час, а вулканот испуштил облак од сулфур диоксид, десет пати поголем од претходните ерупции во Исланд.
Во вторникот имаше стравувања дека промената на правецот на ветерот од северозапад кон југозапад може да доведе до загадување со сулфур диоксид во Рејкјавик.
Ејнар Свејнбјернсон, метеоролог, изјави дека „нема сомнеж дека луѓето ќе го почувствуваат тоа“.
Метеоролозите сугерираат дека загадувањето од безбојниот и остар гас може да предизвика благи респираторни непријатности и потенцијално да резултира со кисели дождови, иако не на нивоа штетни за луѓето или за земјоделството.
Исландската метеоролошка служба соопшти дека „може да се открие загадување со гас“ во главниот град, но не посочи дека ќе има сериозно влијание.
И покрај загриженоста, поголема штета во моментов предизвикува лавата кај Гриндавик. Внимателно се следат импровизирани брани од лава во близина на геотермалната централа Сварценги. Аеродромот Кефлавик, на помалку од 10 милји, остана отворен, иако беа пријавени одредени доцнења.
Во Исланд има 33 активни вулкански системи – најголем број во Европа. Полуостровот Рејкјанес нема доживеано ерупција осум века до 2021 година. Оттогаш, има три ерупции – сите во оддалечени, ненаселени области. Вулканолозите веруваат дека ова може да биде почеток на нова ера на активност во регионот.
Министерството за надворешни работи на Исланд го ажурираше својот совет, повикувајќи ги луѓето да се држат настрана од моментално погодената област, истакнувајќи дека Рејкјавик и остатокот од Исланд не се директно погодени.
Туристичките дестинации, како што е геотермалната бања Blue Lagoon во близина на вулканот, се затворени. Бањата штотуку беше отворена откако беше затворена повеќе од еден месец од 9 ноември кога повеќе од 1.000 земјотреси ја погодија областа за 24 часа.
Во моментов е дозволен само ограничен пристап до домовите за жителите на Гриндавик.
Синоптичарите посочија дека ерупцијата би можела да трае приближно десет дена.
Подготвено од А.Ѓ.