12.12.2023 Скопје
Познатата германска компанија Бош има намера да укине голем број работни места во текот на следната година.
Германските медиуми јавуваат дека 1.500 работници би можеле да останат без работа само во фабриките во Фојербах и Швибердинген.
Портпаролката на компанијата наведува дека менаџментот е во близок контакт со претставниците на работниците и дека советите на работниците ќе бидат консултирани пред да се донесат одлуки и дека можат да предложат алтернативни начини на дејствување.
„Сакаме да се фокусираме на внатрешното распоредување на вработените во други области, понудата на програми за квалификација за областите за раст, но и на регулативите за предвремено пензионирање или договорите за доброволно раскинување“, рече портпаролката на компанијата.
Летово Бош ја отфрли можноста за отпуштање на 80.000 вработени во германскиот оддел за мобилност до 2027 година и најави дека отпуштањата треба да се вршат на општествено одговорен начин.
Транзицијата кон електромобилност бара големи почетни инвестиции и е придружена со намалена потреба за вработување, додека светската економска криза и постојаната инфлација ја влошија ситуацијата.
Посебно е погоден погонскиот сектор, каде што се врши истражување и развој на дизел и бензински мотори. Работните места во тој сектор, вклучително и администрацијата и продажбата, се очекува да бидат укинати до крајот на 2025 година.
Ова е поврзано и со европската забрана за мотори со внатрешно согорување што ќе се применува од 2035 година. Многу компании веќе се подготвуваат за новите правила, бидејќи дизелските и бензинските мотори ќе бидат постепено укинати на долг рок, објаснуваат експертите.
Поради оваа причина, производителите на автомобили тешко сакаат да инвестираат во развојот на овие мотори. За добавувачи како Бош, тоа значи дека речиси и да нема нарачки во оваа област. На среден рок тоа ќе има големо влијание врз автомобилската индустрија.
„Продолжуваме чекор по чекор и развиваме мерки специфични за секоја фабрика“, рече портпаролката на компанијата.
Медиумите наведуваат и дека договорената работна недела од 40 часа треба колективно да се намали на 35 часа.
„Се бориме со значително поголеми предизвици отколку што очекувавме на почетокот на годината“, изјави портпаролката на компанијата за германските медиуми.
Бош е една од водечките светски компании во производството на електроника, апарати за домаќинство, бела техника, автоделови…
Основана е во 1886 година во Герлинген.
Германскиот производител на чевли „Дајхман“, да потсетиме, има намера и поради деловната криза да затвори два бренда и да затвори речиси 100 продавници во Германија и Австрија.
Подготвено од А.Ѓ.