germanska vojska

19.12.2023 Скопје

Постојана германска бригада од околу 4.800 војници во Литванија на границата со Русија ќе биде подготвена за борба во 2027 година, изјавија министрите за одбрана на Германија и Литванија, Борис Писториус и Арвидас Анусаускас, по потпишувањето на договорот за распоредување на бригадата.

Писториус оцени дека договорот за трајно распоредување на германската бригада во Литванија е историски, бидејќи е првпат Германија трајно да распоредува војници надвор од нејзините граници.

„Сакаме и сме подготвени да ја одбраниме територијата на НАТО“, рече Писториус на прес-конференцијата со својот литвански колега по потпишувањето на договорот за распоредување на германска бригада до 2027 година.

Писториус истакна дека целта е да се стационираат 4.800 војници и околу 200 цивили во координација со НАТО по почетокот на војната во Украина.

НАТО вети дека ќе го зајакне своето присуство на источната граница на Алијансата.

Повеќето од единиците ќе пристигнат во Литванија од 2025 до 2026 година, а нивните семејства ќе добијат добри услови, вклучувајќи училишта на германски јазик, градинки и станови, рече Писториус.

„Брзината на проектот јасно покажува дека Германија ја разбира новата безбедносна реалност“, истакна Писториус.

Германија веќе ја предводи мултинационалната борбена група на НАТО во Литванија од околу 1.000 војници кои ќе бидат интегрирани во бригадите.

Литванија ќе потроши околу 0,3 отсто од својот бруто домашен производ во следните неколку години за изградба на станови и други инфраструктурни објекти за германските војници и најверојатно ќе мора да ги зголеми даноците како резултат на тоа, соопшти Комитетот за национална безбедност и одбрана на литванскиот парламент.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author