14.12.2023 Скопје
Популарноста на Риши Сунак, британскиот премиер, падна на најниско ниво од преземањето на функцијата во октомври 2022 година, а неговиот рејтинг е намален за 10 процентни поени од крајот на ноември, според анкетата на YouGov.
Ова последно истражување покажа дека 70 отсто од испитаниците имаат негативно мислење, наспроти само 21 отсто кои имаат позитивен став за премиерот.
Анкетата на YouGov покажа дека ова е најниското ниво на популарност на Сунак, со нето резултат од -49, што е споредливо со резултатите на поранешниот премиер Борис Џонсон во последните месеци од неговиот мандат, кои беа -53.
Британските пратеници во вторникот вечерта го поддржаа контроверзниот план на Сунак да дозволи испраќање на барателите на азил во Руанда. Пратениците во Долниот дом на Парламентот гласаа за одобрување на планот со 313 гласови против, 269.
Планот на Руанда е централен дел од стратегијата за постигнување на целта на Владата на ОК да ги обесхрабри илегалните баратели на азил да се обидат да стигнат до Англија од Франција преку Ламанш.
Според британските медиуми, овој закон ги разбранува страстите кај владејачката Конзервативна партија, а во исто време може скапо да го чини британскиот премиер и да ја загрози неговата лидерска позиција.
Многу пратеници веруваат дека иднината на Сунак е врзана со судбината на законот. Овој закон, сметаат тие, може да биде пандан на законот на Тереза Меј, со кој таа се обиде да протурка компромисен договор за Брегзит и покрај противењето на десницата.
Сунак претходно рече дека ќе стори се што е потребно за да го оживее закочениот договор за испраќање баратели на азил во Руанда. Тој на прес-конференција на почетокот на месецот рече дека ќе продолжи со планот и дека новиот закон е дизајниран да ја поништи одлуката на британскиот Врховен суд во ноември, кој ја прогласи политиката за незаконска.
Од друга страна, критичарите на овој закон наведуваат дека не е ниту етички, ниту изводливо да се испраќаат мигранти во земја оддалечена 6.400 километри без никакви шанси некогаш да се населат во Велика Британија. Групите за правата на бегалците и правните експерти остро го критикуваа планот на премиерот, опишувајќи го како кршење на британските обврски за човекови права.
Сепак, ова не е единствениот камен на сопнување за Сунак. Главната политичка закана за него ја претставуваат оние членови на неговата партија кои сметаат дека неговиот закон не е доволно суров.
Имено, сè ескалира на 6 декември, кога државниот секретар за имиграција Роберт Џенрик поднесе оставка, наведувајќи дека законот на Владата „не оди доволно далеку“ и нема да има ефект.
Патем, миграцијата е едно од водечките прашања во ОК во последниве години. Имено, враќањето на контролата над границите на земјата и укинувањето на слободното движење на луѓето беа главните фактори кои доведоа до гласањето за излез на Велика Британија од ЕУ во 2016 година, попознат како Брегзит.
Подготвено од А.Ѓ.