VESHTACHKA INTELIGENCIJA

09.12.2023 Скопје

Претставниците на ЕУ постигнаа прелиминарен договор за првите сеопфатни закони за вештачка интелигенција.

Европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон ги опиша плановите како „историски“, наведувајќи дека тие поставуваат јасни регулативи за употреба на вештачка интелигенција.

Според него, предлозите повеќе личат на листа со инструкции и лансирна рампа за нови компании и истражувачи во трката за употреба на вештачка интелигенција.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека предложените закони за употреба на вештачка интелигенција ќе помогнат во развојот на технологија која нема да ја загрозува безбедноста и правата на луѓето.

По разговорите што траеја 36 часа, преговарачите постигнаа договор за вештачка интелигенција во системи како „Chat GT“ и препознавање на лица. Компјутерските програми како „ChаtGPT“ и „DALL-E“ се примери за таканареченото создавање на вештачка интелигенција.

„ChаtGPT“ може да учествува во текстуални разговори на Интернет со луѓе, додека другите програми за вештачка интелигенција како „DALL-E“ можат да формираат слики, содржини и прикази за кои можеби мислите дека се дело на човекот.

Членовите на Европскиот парламент на почетокот на годината ќе гласаат за предлозите за вештачка интелигенција, но ниту една регулатива нема да стапи на сила најмалку до 2025 година.

Меѓу предложените регулативи се, меѓу другото, безбедносните ограничувања за употреба на вештачка интелигенција во рамките на ЕУ и ограничувањата за прилагодување на системите во агенциите за спроведување на законот.

Америка, Британија и Кина исто така забрзано работат на воведување на сопствени регулативи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author