vulkan erupcija

19.12.2023 Скопје

Метеоролошката служба на земјата објави дека вулкан еруптираше во југозападен Исланд по неколкунеделни интензивни земјотреси.

На полуостровот Рејкјанес, локалните власти евакуираа речиси 4.000 жители на градот Гриндавик и ја затворија блиската геотермална бања Blue Lagoon, додека меѓународниот аеродром во Рејкјавик, кој се наоѓа во близина, остана отворен.

Ерупцијата започна северно од Гриндавик во 22:17 часот по локално време, соопшти исландската метеоролошка служба.

Сликите и видеата објавени на социјалните мрежи покажаа избивање на лава од вулканот, само еден час откако беа регистрирани повеќекратни земјотреси и друга сеизмичка активност.

Ерупцијата може да се види од Рејкјавик, кој е на околу 42 километри североисточно од Гриндавик.

Полицијата ги предупреди луѓето да ја избегнуваат областа.

Должината на пукнатината во вулканот е околу 3,5 километри, а лавата тече со брзина од околу 100 до 200 кубни метри во секунда, соопшти метеоролошката служба.

Засега нема извештаи за повредени или загинати во оваа, четврта ерупција на вулкан на Исланд во последните три години.

Исландската премиерка Катрин Јакобсдотир рече дека неодамнешните одбранбени мерки ќе имаат позитивен ефект.

Претседателот Гвидни Јоханесон рече дека приоритет на владата е „да ги заштити животите и инфраструктурата“.

Во април 2010 година, ерупцијата на вулканот Ејафјалајокул го предизвика најголемото затворање на европскиот воздушен простор од Втората светска војна поради огромниот облак од пепел.

Тогаш загубите на воздухопловната индустрија беа проценети меѓу 1,5 и 2,5 милијарди евра.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author