29.12.2023 Скопје
Ерменија и Азербејџан, две земји кои со децении се расправаат за територијата на Нагорно-Карабах, населена со Ерменци, но дел од Азербејџан, наскоро би можеле да потпишат мир.
Како што пренесуваат светските медиуми, повикувајќи се на азербејџански официјални лица, наскоро би можел да се постигне мировен договор за ставање крај на повеќедеценискиот конфликт по азербејџанската офанзива во септември, кога земјата ја презеде контролата врз регионот, а етничките Ерменци главно ги напуштија своите домови.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев на 26 декември се сретнал со Никол Пашинјан, премиерот на Ерменија со посредство на Русија во Санкт Петербург, што е прва ваква средба меѓу двајцата лидери по масовниот егзодус.
Сега двете страни размениле седум нацрти на потенцијален мировен договор. Елчин Амирбаев, специјалниот амбасадор на азербејџанскиот претседател, рече дека земјата сега го чека одговорот на Ерменија на нејзините коментари за најновите предлози.
„Она што е важно да се разбере е дека во оваа клучна фаза од преговорите, каде што очигледно не сме толку далеку од конечен договор, потребна ни е акција ориентирана кон резултати. Знам дека по три децении преговори и без поголем резултат, постои одреден вид замор и фрустрација од двете страни, до кога ќе се среќаваме на тоа место без разумни резултати“, рече тој.
Нагорно-Карабах е меѓународно призната како територија на Азербејџан, но напорите да се стави крај на конфликтот беа комплицирани од Турција, Русија, Иран, САД и ЕУ кои се борат за дипломатско влијание во стратешки критичната област. Русија има значително воено присуство во Ерменија. Областа е од геостратешко значење поради транспортниот коридор што би ја поврзал Кина со Европа преку Централна Азија, Каспиското Море и Јужен Кавказ.
Подготвено од А.Ѓ.