kongo rasporeduvanje bezbednosni sili

20.12.2023 Скопје

Измама, насилство и организациски проблеми го означија почетокот на изборите во Демократска Република Конго, каде 44 милиони граѓани избираат нов претседател, парламент и регионални власти.

Во источниот дел на Конго и во главниот град Киншаса гласањето започна со одложувања бидејќи изборниот материјал не пристигна на некои избирачки места, додека некои гласачи се мачеа да ги најдат своите имиња во избирачкиот список.

„Последните избори не беа вака. Можевме да си ги најдеме имињата по азбучен ред, но овој пат обидот да ги провериме имињата е борба за некои од нас кои не сме доволно образовани. Ако не добиеме помош, ќе си одиме дома“, рече еден од гласачите, Кахиндо Кацотјо.

Во текот на изминатите неколку месеци, надлежната Комисија за спроведување на изборите (ЦЕНИ) инсистираше и на крајот опстојуваше на обезбедување слободно и фер гласање во оваа втора по големина африканска земја. ЦЕНИ не се навраќаше на критиките за нерегуларности и и покрај бројните проблеми на крајот успеа да организира избори низ целата земја.

Право на глас на избори имаат 44 милиони Конгоанци, а организирањето избори во оваа богата со минерали, но многу сиромашна земја беше вистински предизвик. Лошите патишта и безбедносната состојба создадоа бројни логистички проблеми, кои се појавија на денот на изборите.

Феликс Цисекеди, актуелниот претседател на Конго, има околу 20 противници. Тој побара од народот да му даде уште еден мандат за да продолжи со започнатата работа, ветувајќи дека доколку биде избран ќе ја прошири политиката на бесплатно образование.

Од друга страна, опозициските кандидати им ветија на гласачите дека ќе донесат стабилност, мир и економски развој, тврдејќи дека тоа го немало за време на мандатот на актуелниот претседател.

Уште пред почетокот на гласањето, во Конго се постави прашањето за легитимноста на изборите. Како и во претходниот период, така и овие избори предизвикаа немири. Двајца кандидати за пратеници беа убиени во одвоени инциденти на 15 декември, сите поврзани со изборите.

Властите на Конго денеска соопштија дека по нападот на избирачко место во Лубумбаши се убиени три маскирани лица, а неколкумина се уапсени.

„Три лица се убиени, седуммина се уапсени, а пет од нив се предале откако биле опколени од војската“, изјави Конгу Мојсе Кутамби, гувернер на провинцијата Катанга.

Конго моментално е најголемиот светски производител на бакар и кобалт во светот. Покрај тоа, оваа земја е исклучително богата со литиум, дијаманти, злато, жива и колтан. Овие минерални суровини се главната причина за конфликтот и граѓанската војна што заврши во 2003 година и резултираше со милиони раселени лица. Последиците од таа војна се чувствуваат и денес, а првата демократска промена на власта се случи дури во 2019 година.

Според податоците на Светската банка, Конго е меѓу петте најсиромашни земји во светот, а повеќе од половина од граѓаните имаат помалку од два долари дневно, додека една петтина од нив живеат во апсолутна сиромаштија.

Регионот Катанга во Конго е најголемото наоѓалиште на кобалт во светот. Некои проценки на Обединетите нации велат дека повеќе од 40 отсто од светскиот кобалт е во оваа област, додека Британското геолошко друштво наведува нешто помал процент, околу 34 отсто. Во секој случај, некои медиуми неодамна објавија дека секој втор паметен телефон, таблет, лаптоп или друг уред со батерија на полнење има кобалт со потекло од Конго.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author