25.12.2023 Скопје
Водачот на една од најголемите криминални групи во бразилската држава Рио де Жанеиро, Луис Антонио да Силва Брага, кој беше во бегство од 2018 година, се предаде.
Против него беа распишани 12 потерници, а Брага, попознат како Зињо, се предаде по преговори со локалните власти, соопшти бразилската федерална полиција. Тој беше префрлен во затвор по апсењето во неделата.
Рикардо Капели, извршен секретар на федералното министерство за правда, рече дека федералната полиција спровела неколку истраги додека не стигнала до Зињо.
Групата на Зињо доминира во западниот регион на Рио, каде во последниве години беа убиени неколку членови на неговата банда.
Тие криминални групи, познати како „милиции“, се верува дека контролираат околу 10 отсто од градското подрачје на Рио, според минатогодишното истражување на непрофитната организација Фого Крузадо и истражувачката група на федералниот универзитет Флуминенсе.
Милициите се појавија во 1990-тите и првично беа составени главно од поранешни полицајци, пожарникари и војници кои сакаа да се борат против беззаконието во нивното соседство.
На жителите им наплатувале заштита и други услуги, а од неодамна и самите почнале да се занимаваат со трговија со дрога.
Подготвено од А.Ѓ.