20.12.2023 Скопје
Гувернерите на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобрија резолуција за зголемување на капиталот на банката за четири милијарди, на 34 милијарди евра.
Дополнителен капитал од акционерите ќе се користи за да се обезбедат значителни и одржливи инвестиции во економијата на Украина, како за време на војната, така и во очекуваниот период на реконструкција, се наведува на веб-страницата на ЕБОР.
Европската банка за обнова и развој инвестираше повеќе од три милијарди евра во Украина од февруари 2022 година, кога Русија започна воена операција во Украина.
„Ова е историски момент за ЕБОР. Одлуките на нашите акционери ја потврдуваат нивната доверба во банката, со нејзината единствена мисија и бизнис модел фокусирани на влијание“, рече претседателот на ЕБОР, Одил Рено Басо.
Зголемувањето на капиталот ќе ја зајакне банката и ќе и овозможи да продолжи да инвестира околу 1,5 милијарди евра годишно во Украина за време на војната и да ја зголеми поддршката за Киев на три милијарди евра кога ќе започне реконструкцијата на земјата по завршувањето на конфликтот.
Подготвено од А.Ѓ.