26.12.2023 Скопје
Јавното претпријатие за државни патишта ја завршува 2023 година со рекорден приход од наплата на патарини, и тоа од 62 милиони евра, и капитални инвестиции од 400 милиони евра, што е дури 100% зголемување во однос од пред три години.
Директорот Ејуп Рустеми, во излагање за сработеното и за плановите во наредниот период, кажа дека оваа година е успешна и по тоа што е почнат проект за изградба на 110 километри автопатишта од коридорите 8 и 10д со стратешкиот партнер „Бехтел и Енка“, кој според проекциите треба да биде завршен за 4 години и 7 месеци.
Предвидените проекти на ова јавно претпријатие се реализираат повеќе години и тоа од 2021 – 2023, при што некои се веќе завршени, а некои се се уште во фаза на реализација. Од реализираните проекти, рехабилитирани и реконструирани се државни патишта во должина од 900 километри, но има и патишта кои се во фаза на изградба.
Сите овие реализирани проекти говорат за уште една успешна година, и остварен рекорд во инвестиции од 400 милиони евра. Покрај тековните активности за 2024 година, предвидени се и изградба на нови патни делници, со вредност од 367 милиони евра.
„Градиме за идните генерации, градиме за иднината на идните генерации и градиме за да се поврземе со остатокот светот, притоа сум благодарен и горд на вработените во ова јавно претпријатие“, рече на излагањето Рустеми.
Подготвено од М.Д.