22.12.2023 Скопје
Синдикатот на вработените во Државниот испитен центар, пред десет дена го реактивираше штрајкот, кој беше ставен во мирување во мај годинава.Синдикатот бурно реагираше на изјавата на Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, кој си дозволи да ја исмева борбата на вработените за достоинствена плата за нормална егзистенција, притоа да ја нарекува желба за популарност.
Вработените воДржавниот испитен центар најавија и блокада на 500 наставници и директори кои треба да добијат лиценца, а условот за деблокада е зголемување на платите.
Од обраќањето на Државниот испитен центар, каде што им се обраќаат директно на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, и на министерот за финансии, Фатмир Бесими, тие порачуваат дека треба сериозно да си ја сфатат функцијата за која се назначени и да не ја доведуваат во заблуда јавноста дека проблемот ќе биде решен на почетокот на 2024 година.
Синдикатот на Државниот центар обвинува дека министерот за образование и наука се повикува на непостоечки уредби со кои би добиле додаток на плата. Вработените уште и потенцираат дека тие не бараат никакви додатоци туку достоинствени плати, притоа повикувајки ги вработените во министерството на чело со министерот, кој изјави дека има системски решенија, да го решат нивниот проблем сега и веднаш.
Вработените во Државниот испитен центар му порачуваат на министерот да биде општествено одговорен и да се откаже од министерската плата, во интерес на образовниот процес, затоа што покачувањето на платите за сите вработени што тие го бараат, се во висина на една министерска плата.
Подготвено од М.Д.