16.12.2023 Скопје
Премиерите на Словенија, Хрватска и Италија, Роберт Голоб, Андреј Пленковиќ и Џорџија Мелони на средба во Брисел договорија флексибилно спроведување на полициските контроли на границата за време на божиќните празници.
„Се договоривме режимот на проверки да биде максимално флексибилен за време на божиќните и новогодишните празници, со цел да се избегне гужва на граничните премини. Очекуваме огромен прилив на наши луѓе кои живеат и работат во Западна Европа и оние кои ќе ја преминат Хрватска“, изјави Пленковиќ.
Кабинетот на словенечкиот премиер потврди дека Голоб разговарал за ова прашање со Пленковиќ и Мелони.
„На експертите ќе им биде да ги прилагодат проверките врз основа на состојбите“, се наведува во соопштението.
Словенија воведе контроли на границата со Хрватска и Унгарија на 21 октомври најмногу два месеци, а само една недела подоцна ги продолжи контролите за уште шест месеци, до 22 јуни, наведувајќи ги зголемените терористички закани и ситуацијата на Блискиот Исток како причина.
Подготвено од А.Ѓ.