nagradi-meto-jovanovski-960x519

26.12.2023 Скопје

Овогодинешната државна награда „Мето Јовановски“, највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права, денес во Собранието им беше доделена на непрофитното улично списание „Лице в лице“ , посветено на одржливиот развој, социјалната правда, еднаквост, демократија и хуманост, и на Борче Стаменов од Кавадарци, кој собира расипани лаптопи и компјутери и од нив создава нови донирајќи им ги на социјално загрозени семејства.

Во има на списанието „Лице в лице“ Наградата ја прими Маја Раванска, уредничка на списанието, која истакна дека  ја креваат свеста и се застапуваат за важни теми како што е правото на работа.  За нивните улични продавачи, кои доаѓаат од најранливите општествени групи, рече дека кога пред 11 години првпат почнале во кафулињата на Дебар Маало да го продаваат списанието, се чувствувале рамноправни со оние на кои им го нуделе.

Награда „Мето Јовановски“ му беше врачена и на Борче Стаменов од Кавадарци кој прави нови компјутери од делови од стари и расипани и им ги донира на ученици од социјално загрозени семејства.  Првиот компјутер го донирал во декември 2016 година, а неговата мисија беше  особено важна во периодот на пандемијата, во период кога МОН објави дека 40 илјади деца се без компјутер за онлајн-настава.

„Донирај компјутер“ има работилници во Кавадарци, Скопје и Штип и им овозможува на младите бесплатно образование преку пракса каде што компјутерите се поправаат.  Еден од аспектите на неговата работа е и во тоа што придонесува за продолжување на животниот век на навидум застарената технологија со што се намалува електронскиот отпад.

Примајќи ја наградата, Стаменов рече дека Обединетите нации неодамна го прогласија пристапот до интернет за основно човеково право и дека наградата што тој ја добива е и прослава за колективниот напор во „Донирај компјутер“ за надградба на тие човекови права.

Наградите беа врачени од страна на Александра Цветановска, претседателка на Одборот за доделување наградата „Мето Јовановски“ за 2023 година. На Меѓународниот ден на човековите права – 10 Декември, таа истакна дека тие се прекршуваат секој ден и дека токму поради тоа луѓето треба да се залагаат за нивна заштита и за борба за еднаквост.

Подготвено од М.Д.

 

About Author