https://www.flickr.com/photos/jahfeelme/8606140029/in/photolist-3JevLx-c3hXGj-hoHP8-e7uHAD-2kNGDvm-b3LK9z-72PWqS-6WyH2h-2gyzhRE-PBQ7RB-67mysa-nQWbL-737db8-q1AXbu-274CDi-sUaULy-8qikT-CSyYNr-2o1G9GF-8iRDrp-489kCt-bC8n48-Q7RPk-8K7eoL-7frf6q-EmTxz-8VYbWs-6XG146-5qDky5-8gfjY2-7Y7G1J-dfDn4p-b97chg-5Yn5yi-dfCj5r-6cJ5A1-8hoEJB-nDSHsw-4nHrBB-3dGbDW-8cQqDf-5PCjt6-5dWtCs-9AxjTd-gaB8s-6EYGjB-brX7H-dNe4n-4vAevL-5BQB47

13.12.2023 Скопје

Како дел од шокантните мерки за кои новиот аргентински претседател Хавиер Мајли вели дека се потребни за справување со економската „вонредна состојба“, Аргентина најави остра девалвација на својата валута и намалување на субвенциите за енергија и транспорт.

„Аргентинскиот пезос ќе биде девалвиран за 50% на 800 за американски долар од 400 пезоси за долар“, соопшти аргентинскиот министер за економија Луис Капуто.

Аргентинскиот претседател Хавиер Мајли изјави дека за неколку месеци „ќе бидеме полоши од порано“, предупредувајќи на строги мерки во иднина.

Економијата на Аргентина е втората по големина економија во Јужна Америка.

Според официјалните податоци, Аргентина трпи годишна инфлација од 143%, нејзината валута пропадна, а четворица од 10 Аргентинци се осиромашени. Нацијата, исто така, има растечки фискален дефицит, трговски дефицит од 43 милијарди долари, плус застрашувачки долг од 45 милијарди долари кон Меѓународниот монетарен фонд, со 10,6 милијарди долари долг кон мултилатералните и приватните кредитори заклучно со април.

Министерот за економија Луис Капуто истакна дека како дел од новите мерки, Владата ги откажува тендерите за сите проекти за јавни работи и укинува некои државни работни места за да ја намали големината на Владата.

Капуто, исто така, најави и намалување на субвенциите за енергетиката и транспортот без да наведе детали или да каже колку. Воедно, додаде дека управата на Мајли го намалува бројот на министерства од 18 на 9.

Тој рече дека мерките се неопходни за намалување на фискалниот дефицит, за кој верува дека е причина за економските проблеми во земјата, вклучително и зголемената инфлација.

„Ако продолжиме како што сме, неизбежно се движиме кон хиперинфлација. Нашата мисија е да избегнеме катастрофа“, додаде Капуто.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author