08.12.2023 Скопје
Американското Министерство за правда поднесе нова кривична пријава против синот на американскиот претседател, Хантер Бајден, во која тој беше обвинет дека не платил данок во износ од 1,4 милиони долари.
Хантер Бајден (53) е обвинет за три кривични дела и шест прекршоци поврзани со даночно затајување, според обвинението поднесено во четвртокот пред окружниот суд во Калифорнија.
Нему му се заканува казна затвор до 17 години доколку биде осуден.
Министерството за правда соопшти дека истрагата против Хантер Бајден е во тек.
Одделот тврди дека синот на Бајден учествувал во четиригодишна шема за да избегне плаќање најмалку 1,4 милиони долари федерални даноци од 2016 до 2019 година.
Се додава дека наместо тоа, тој потрошил огромни суми пари на, како што се вели, дрога, девојки, луксузни хотели и имоти за изнајмување, автомобили, облека и други предмети, вклучително и повеќе од 70.000 долари за програми за одвикнување од дрога.
Не е јасно кога Хантер Бајден ќе се појави на суд.
Во обвинението се наведува дека тој остварил големи профити додека работел во одборите на директори на украински индустриски конгломерат и кинески приватен капитал.
Хантер Бајден и претходно се соочуваше со обвинувања за неплаќање даноци, а во октомври пред судот во Делавер изјави дека не се смета за виновен дека лажел дека не користел дрога при набавка на пиштол.
Подготвено од А.Ѓ.