22.12.2023 Скопје
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека турските власти имаат уапсено 304 лица осомничени дека се поврзани со милитантната група Исламска држава во операции во 32 провинции.
Повеќето од осомничените се приведени во трите најголеми турски градови – Анкара, Истанбул и Измир, соопшти Јерликаја на социјалната мрежа „Икс“.
Тој прецизираше дека операцијата „Хероји-34“ била спроведена истовремено низ целата земја.
„Нема да дозволиме ниту еден терорист да ги отвори очите, заради мирот и единството на нашиот народ. Ќе ја продолжиме борбата со интензивните напори на нашите безбедносни сили“, рече Јерликаја.
Тој сподели снимка од операциите на кои се гледа како полицијата влегува во станови и згради и ги внесува осомничените во возилата.
Исламската држава контролираше третина од Ирак и Сирија на својот врв во 2014 година. Иако во меѓувреме е репресирана, продолжува да извршува напади, вклучително и на територијата на Турција.
Во напад на ноќен клуб во Истанбул на 1 јануари 2017 година загинаа 39 лица.
Подготвено од А.Ѓ.