08.11.2023 Скопје
Се зголемува притисокот врз Израел да се согласи на прекин на огнот, да им помогне на цивилите во Појасот Газа кои сè уште не успеале да излезат од зоната на борбите.
Она што ја дели меѓународната заедница е типот на прекин на огнот – дали тоа треба да биде долгорочно за да се најде решение, или краткорочно, т.е. само онолку колку што е потребно за да се доведат цивилите на безбедно и хуманитарната помош да се достави до сите засегнати.
Како и во повеќето други случаи, главниот збор ќе го имаат САД, кои во моментов се поблиску до ставот на израелската влада, односно прекинот на огнот да биде ограничен.
Ентони Блинкен, американскиот државен секретар, изрази загриженост дека подолг прекин на огнот ќе им овозможи на терористите на Хамас да се прегрупираат и да продолжат со нападите врз Израел.
Блинкен во средата потсети на земање заложници од Хамас пред еден месец и истакна дека групата јавно ветила дека ќе се обиде да го повтори нападот на 7 октомври.
„Израел постојано ни кажува дека нема враќање во октомври пред варварските напади од Хамас – ние целосно се согласуваме“, рече тој во средата.
Групата Г7, која ја сочинуваат Јапонија, Канада, Германија, Италија, Велика Британија и Франција, покрај САД, ја поддржа и американската позиција.
Вчера, по наше време, групата се состана во Токио, а на состанокот присуствуваше и Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за безбедност и надворешна политика.
Во заедничката изјава објавена по состанокот, министрите на Г7 изразија поддршка за Израел да се брани во согласност со меѓународното право, го осудија Хамас и повикаа на итно ослободување на сите израелски заложници што ги држеше Хамас во енклавата. Изјавата е урамнотежена бидејќи во неа се посочува и тешката хуманитарна ситуација во Газа.
„Ја нагласуваме потребата од итна акција за справување со влошената хуманитарна криза во Газа. Сите страни мора да дозволат непречена хуманитарна помош за цивилите, вклучувајќи храна, вода, медицинска нега, гориво и засолниште, како и пристап за хуманитарните работници. Ние ја поддржуваме хуманитарната пауза на два коридори“, потенцираа тие.
Подготвено од М.Д.