youtube

20.11.2023 Скопје

Компанијата Јутјуб на својот блог објави дека наскоро ќе започне борба против содржината генерирана од вештачката интелигенција (ВИ), со цел да ги заштити партнерите во музичката индустрија и другите корисници.

Како што е наведено во соопштението, компанијата ќе бара од креаторите да самоозначуваат „реалистична“ содржина создадена со помош на вештачка интелигенција кога објавуваат видеа на платформата YouTube.

Од компанијата истакнуваат дека ова особено се однесува на содржини поврзани со теми како што се избори или тековни конфликти.

Сè уште не е познато што YouTube ја смета за „реална“ содржина со вештачка интелигенција, а портпаролот на компанијата Џек Мелоун вели дека корисниците ќе добијат детални упатства кога барањето ќе биде воведено следната година.

YouTube ќе им овозможи на корисниците да бараат отстранување на видеа кои „симулираат личност која може да се идентификува, вклучувајќи го и неговото лице или глас“.

Значи, ако некој стане жртва на таканаречен дипефејк, постои процес кој може да доведе до отстранување на тоа видео.

Компанијата вели дека „ќе проценува различни фактори при оценувањето на овие тврдења“, вклучително и дали содржината е пародија или сатира и дали жртвата е јавен функционер или „славна личност“.

Правилата поврзани со партнерите на YouTube во музичката индустрија ќе бидат уште построги и нема да можат да го применат исклучокот „пародија и сатира“.

Во САД моментално не постои закон кој ја регулира употребата на вештачка интелигенција во овие случаи, па може да се каже дека YouTube го „зема законот во свои раце“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author