22.11.2023 Скопје
Палестинскиот Црвен крст соопшти дека денеска во координација со Обединетите нации и меѓународната хуманитарна невладина организација „Лекари без граници“ почна евакуацијата на преостанатите пациенти од болницата Ал Шифа во Газа, со 14 амбулантни возила.
Израел со недели бара евакуација на болницата и го координира процесот откако ја презеде контролата врз медицинскиот центар каде што тврди дека Хамас имал команден центар и го користел како база за своите воени операции.
Портпаролот на Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, Ашраф ал-Кидра, рече дека во установата има над 250 пациенти и дека околу 400 раселени лица сè уште се во установата.
Израел и Светската здравствена организација ја координираа евакуацијата на 31 предвремено родено бебе од болницата Шифа во јужниот дел на Газа во текот на викендот, од кои 28 подоцна беа пренесени во Египет.
Подготвено од А.Ѓ.