29.11.2023 Скопје
Надзорните камери во дворот на манастирскиот комплекс Свети Наум Охридски на Попова Шапка јасно покажуваат како едно лице од јарболот поставен на црковен имот го симнува знамето на Македонската православна црква – ОА, а потоа го поставува знамето на Албанија.
Во придружба на ова лице е и уште едно лице, и двајцата носат облека со реквизити на навивачката група Балисти од Тетово.
Дел од албанските медиуми потврдија дека знамето го острануваат членови на навивачката група Балисти.
Албанското знаме е веќе острането, а на јарболот повторно од утрово се вее знамето на МПЦ-ОА.
Денеска од Министерството за внатрешни работи соопштија дека полициски службеници, откако настанот вчеравечер во полиција го пријавил член на црковен одбор околу 23:30 часот по преземени мерки, го идентификувале и го лишиле од слобода 33-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица осомничен за отстранување на црковното знаме.
Во соопштението на Министерството за внатрешни работи се наведува дека по документирање на случајот против Ј.А., кој при симнувањето на црковното знаме бил со уште едно лице по кое се трага, ќе следува соодветен поднесок.
По инцидендот во црковниот двор токму на денот на знамето на Албанија веднаш се огласи претседателот на Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски. Тој обвини дека самиот чин има за цел предизвикување омраза и раздор и побара сторителите да бидат најстрого санкционирани.
За инцидентот се огласи и лидерот на Достоинство и претседателот на ЦУК Стојанче Ангелов кој напиша дека само брзата реакција на институциите, но и јавниот притисок можат да ги намалат провокациите кои ја потпалуваат меѓуетничката нетрпеливост. Ги повика политичките партии да ги осудат ваквите провокации.
Подготвено од М.Д.