10.11.2023 Скопје
Во Црна Гора годишно од 20 до 30 деца заболуваат од дијабетес, изјави докторката Наташа Чуровиќ Поповиќ на предавањето по повод Светскиот ден на дијабетесот во Институтот за детски болести.
„Бројот на деца кои боледуваат од дијабетес е голем. Многу е важно да се препознае, а исто така важно е лекувањето да биде достапно за сите деца. Дијабетесот е опасна болест, која може да се појави или поради тоа што нема инсулин, или поради неговото дејство ако е ослабено“, рече таа.
Поповиќ истакнува дека дијабетесот може да се појави во секое време. Според неа, доколку не се препознае порано кај децата, тоа ќе доведе до влошување на нивната состојба, а сите симптоми се појавуваат многу рано.
Таа рече дека детскиот дијабетес се карактеризира со осцилации во крвта.
„Третманот и животот на децата со дијабетес се придружени со бројни предизвици. Пубертетот е особено предизвик“, прецизира Поповиќ.
Докторката Маја Раичевиќ вели дека во Црна Гора има 262 деца и млади до 18 години кои имаат проблеми со дијабетес.
„Црна Гора е рангирана меѓу земјите кои имаат големи проблеми со дијабетесот. Во 2021 година се регистрирани 39 пациенти, што е рекордна бројка. Загрижени сме што речиси секое четврто дете кое боледува од дијабетес е доцна дијагностицирано“, додаде таа.
Раичевиќ вели дека нејзиното истражување покажало дека околу 20 отсто од родителите не се задоволни од поддршката на училиштата кога станува збор за дијабетесот, додека околу 90 отсто од родителите сметаат дека храната на училиште не е соодветна.
Подготвено од А.Ѓ.