albanski parlament

02.11.2023 Скопје

Денешната седница на Собранието на Албанија ја одбележаа тензии и инциденти, откако претставници на опозициската Демократска партија превртеа столчиња во салата и се собраа на говорницата за да ја попречат расправата за предлог-законите.

Пратениците на Демократската партија на Албанија и други претставници на опозицијата надвор од пратеничките групи ја блокираа говорницата со столчиња, а користеа и пиротехнички средства во салата.

Претседателката на Собранието на Албанија, Линдита Никола на отворањето на седницата посочи дека се што се случува е „срам за албанскиот парламентаризам“.

„Заборавате дека парламентот не е фотелји, не е зграда, тоа е одговорност и волја која ви недостига“, рече Никола, обраќајќи им се на пратениците од опозицијата.

Поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша, кој Собранието го признава за пратеник надвор од пратеничките групи поради неодамнешните конфликти во Демократската партија, нагласи дека бараат враќање на правото на опозицијата да ја врши својата законодавна активност.

И покрај опструкциите, Собранието усвои неколку предлог-закони за кои беше планирано да се расправа на седницата, меѓу кои и измените на законот за државна адвокатура и ратификацијата на договорот меѓу Албанија и Бугарија за социјална заштита.

Пратениците на опозициската Демократска партија на Албанија и други членови на опозицијата надвор од пратеничките групи го спречија одржувањето на последните две собраниски седници, со што беше оневозможено говорот на пратениците на владејачката партија на Социјалистичката партија на Албанија.

„Опозицијата е решена во оваа битка во парламентот со сите сили да ги брани своите уставни права“, изјавија од опозицијата, посочувајќи дека отпорот на опозицијата ќе започне во парламентот, кој според нив е претворен во приватна институција на премиерот Еди Рама и претседателката на Собранието Линдита Никола.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author