27.11.2023 Скопје
На вчерашната дебата на тема „Економски принципи“, лидерот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вети дека доколку дојдат на власт ќе ги зголемат пензиите линеарно за 5.000 денари и ќе обезбедат 250 милиони евра годишно за општините за капитални инвестиции.
Дебатата на тема „Економски принципи“ е во рамки на настанот „Важно е! Платформа за иднина“, што е дел од кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.
Во своето обраќање, Мицкоски во фокус ги стави пензионерите за кои истакна дека заслужуваат линеарно зголемување на пензиите.
„Сакам да ги споменам пензионерите кој што ги гледаме со месеци буквално измрзнати, гладни чекорат по плоштадите и улиците барајќи правична распределба на средствата од буџетот, барајќи линеарно зголемување на пензиите кои што тие во оние средби кои што јас ги имав со нив изминативе два месеци го поставија тој праг на околу 5.000 денари“, истакна Мицкоски.
Мицкоски најави дека доколку политичката партија ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, еден од приоритетите ќе бидат капиталните инвестиции.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди 1 милијарда евра во четиригодишен мандат или 250 милиони годишно за општините за капитални инвестиции, ќе покажеме дека не се сите исти. Проектот кој ВМРО-ДПМНЕ има намера да го аплицира, тоа е проектот да обезбедиме 250 милиони евра годишно од централниот буџет за инвестиции капитални во општините за основни потреби. Затоа што овие од безрбетници кои ја понижија и опљачкаа Македонија устата им е полна со Европа, но некако граѓаните во Македонија ги немаат можностите да ги имаат основните услови за живот“, изјави тој.
Мицкоски истакна дека сега со моменталната Влада недостасувале водоводи, канализација, асфалт, училишта и градинки, потенцирајќо дека ќе инвестираат во секоја општина без разлика дали е водена од градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ или не.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека планира интервенција во данокот на добивка кој што ќе важи за сите компании, како за македонските така и за странските кои што своите профитни центри или седишта ќе ги донесат во државата.
Подготвено од М.Д.