01.11.2023 Скопје
Туристите кои во 2024 година ќе сакаат да го посетат еден од најпознатите историски споменици во Истанбул, Аја (Света) Софија, ќе мора да платат влез во светилиштето, се вели во изјавата на турскиот министер за култура Мехмет Нури Ерсој.
Аја Софија, еден од најпопуларните културни споменици во Истанбул, со години беше музеј, а во 2020 година беше претворена во џамија. Турскиот министер за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, истакна дека Света Софија ќе се реновира и дека, по препорака на УНЕСКО, од 15 јануари во 2024 година ќе се менува планот за посета на туристите.
Се уште не е одлучено колкава ќе биде цената на билетите, но нагласи дека целта е да се ограничи бројот на посетители. На муслиманите кои одат на молитва во Света Софија нема да им се наплаќа влезот, а исто така и за турските граѓани влезот ќе биде бесплатен.
Новина е и тоа што туристите кои ќе го посетат ова светилиште нема да мора да ги соблекуваат чевлите. За тури со водич, туристите ќе користат слушалки, а ќе им биде понудена приказна на 17 јазици во светот. Аја Софија ќе продолжи да биде затворена за посетители за време на молитвата.
Света Софиja, официјално позната како Голема џамија „Света Софија“, а порано како Црква „Света Софија“ и како музеј — поранешна православна базилика, која во текот на својата историја била претворена во џамија, подоцна во музеј, а денес повторно се користи како џамија. Објектот се наоѓа во реонот Фатих во Истанбул, Турција. Во периодот кога била изградена, односно во 4 век, до 1453 година служела како византиска катедрала на Цариград, освен во периодот од 1204 до 1261 година, кога била претворена во римокатоличка катедрала по заземањето на градот од страна на крстоносците и основањето на Латинското Царство. Како џамија, објектот служел од 29 мај 1453 година до 1931 година, кога истата била затворена. Од 1 февруари 1935 до 2020 година претставувала музеј. Во јули 2020 година повторно била претворена во џамија.
Црквата е посветена на Логосот, второто лице на Света Троица и својот празник го има на 25 декември, на годишнината од раѓањето на Исус Христос. И покрај тоа што понекогаш објектот се нарекува Санкта Софија, како што во времето се нарекувала, Софија е фонетски правопис на грчкиот збор кој во превод означува мудрост. Така, целосното име на објектот на грчки е: Ναός τῆς Ἁγίας τοῦ Θεοῦ Σοφίας или во превод Црква на светата божја мудрост. Името „Софија“ не е поврзано со маченичката Софија.
Градбата е позната по својата голема купола, која се смета дека е олицетворение на византиската архитектура и дека ја променила историјата на архитектурата. Оваа катедрала била најголема во светот речиси илјада години, со изградбата на катедралата во Севиља во 1520 година. Сегашната зграда првично била изградена како црква во периодот од 532 до 537 година, по наредба на византискиот цар Јустинијан I, и тоа на местото на поранешни две цркви кои биле разрушени и уништени. Градбата била дизајнирана од страна на грчките научници Исидор Милетски и Антимиј Тралски, познати во тоа време теоретичари во архитектурата и математиката.
Црквата содржи голема збирка на свети мошти, како и 49 метри сребрен иконостас. Објектот бил седиште на патријархот на Цариград и главна катедрала во православниот свет речиси илјада години. Во неа се случил и т.н. Голем раскол на црквата или Големиот раскол, кога кардиналот Хамберт во 1054 година бил екскомунициран од Михаил Керулариј.
Подготвено од А.Ѓ.