08.11.2023 Скопје
Професорот на Факултетот за политички науки во Виена, Хајнц Гертнер, смета дека приклучувањето на Шведска и Финска во НАТО не било добра идеја.
Според него, Финска сега ја менува својата позиција од неутрална земја и тампон зона во земја на НАТО.
Од друга страна, како што додава, Србија и Молдавија имаат самопрогласена неутралност врз основа на одлуки на државно ниво и таа неутралност може полесно и побрзо да се промени.
Гертнер е еден од авторите на нуклеарниот договор потпишан меѓу Европската унија, Велика Британија, Русија, Кина, Америка и Иран, за кој самиот рече дека е еден од најдобрите договори за контрола на оружјето.
Гертнер е и претседател на Советодавниот одбор на Меѓународниот институт за мир, а во изминатите децении беше раководител на тимовите за подготовка на стратешки документи на Министерството за одбрана на Австрија. Денес, кога во светот се водат бројни војни, а заканата од нуклеарна војна расте, Гертнер изјави дека во Европа не останале многу воено неутрални земји.
„Веќе ги нема толку многу, бидејќи Финска сега е членка на НАТО, а Шведска е на пат да стане една. Тоа значи дека водечка европска неутрална земја сега е Австрија, а тука се и Ирска, Малта и Кипар. Сепак, иако е така, помалото количество не значи и понизок квалитет. Земјите од ЕУ кои ја задржаа неутралноста сега имаат дополнителни обврски. Овие обврски претходно беа распределени меѓу земјите кои беа, и веќе не се, неутрални, што значи дека товарот е сега е поголема за оние кои останаа неутрални“, вели Гертнер.
Тој рече дека не ја спомнал Србија затоа што не е членка на ЕУ, а зборувајќи за Шведска и Финска рече дека нивната неутралност се заснова на историско искуство и традиција и затоа овие земји можат лесно да се откажат од неа и да станат членки на НАТО.
„Србија и, на пример, Молдавија, исто така имаат самопрогласена неутралност заснована на одлуки на државно ниво, одлуки на собранието, па дури и до одреден степен на устав, и оваа неутралност може полесно и побрзо да се промени. Подобро е неутралноста да биде посилна, затоа што не може да се смени само така, но и затоа што полесно ќе се препознае во меѓународната заедница“, изјави тој.
Според него, Србија може да остане неутрална и смета дека таквите земји не треба да се приклучуваат на воени сојузи, ниту пак трајно да стационираат странски војници на нивната територија и не треба да учествуваат во војни надвор од нивните граници.
„Се разбира, тие треба да се бранат себеси и своите граници како што дозволува Повелбата на Обединетите нации. Овие принципи треба да се задржат“, потенцира овој угледен професор.
Но, тој нагласува и дека неутралноста не значи дека секогаш треба да се биде неутрален кога се во прашање вредностите.
„Неутралните земји имаат право да го кренат гласот доколку некаде се случува геноцид, етничко чистење, војна, кршење на човековите права, но во исто време треба да понудат нешто. Тие мора да понудат предлози, политички решенија, посредување или место за одржување на состаноци. Мора да бидат корисни“, посочува тој.
Членството во Европската Унија и неутралноста меѓусебно не се исклучуваат, но членството во НАТО ја исклучува неутралноста, бидејќи сите земји членки на НАТО се обврзани со член 5 од Договорот за НАТО пактот и нема исклучоци за неутралните земји.
Се потсетува и дека Австрија не е членка на НАТО, а Гертнер објаснува дека има само две опции – неутралност или членство во НАТО.
Подготвено од М.Д.