муцунски аеродром

02.11.2023 Скопје

Потпретседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, изјави дека моменталната влада нема направено ништо за студентите во нашата држава, „универзитетите се во ужасна состојба затоа што сме држава рекордер по најмали вложувања во делот на науката, затоа што нашите универзитетски професори имаат најниски примања од целиот регион, да не зборуваме подалеку од регионот на Западен Балкан“.

Во дебатата насловена „Македонија сојузник на младите – перспектива и иднина“, што се одржа во општина Валандово во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“, Муцунски истакна дека истото што се случува со универзитетските професори и студенти, истото се случува и со вработените во основните училишта, средните училишта, како и со вработените во градинките, кои имаат најслаби плати од целиот регион.

„И потоа како да имаат достоинство кога тие одвај преживуваат и се на работ на општествениот стандард, а тие се луѓето кои што треба да ги едуцираат нашите најмлади, да се грижат за развојот на нашите дечиња. Млади се и родителите кои што се грижат за своите деца, кои што со години чекаат децата да добијат учебник, на кои што владата им вели треба да се дигитализира образованието, но какви алатки им дава за таква дигитализација? Тие се тие предизвици со кои што се соочуваме како општество, каде што се рушат фундаментите на семејството, каде што во образовните процеси ви се наметнуваат некои гледишта, идеолошки апстрактни кои што имаат за цел да се запрашаме какво општество сме ние? И тоа се темелите на оваа власт, да не поделат меѓу себе, а никаква политика, се е на база на демагогија“, истакна Муцунски.

Градоначалникот Муцунски посочи дека политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е партија која што секогаш во својата програма има вклучено мерки за младите, како што е мерката за гарантирано вработување за најдобрите студенти на државните универзитети, проект кој што Унијата на млади сили го актуелизира при што ќе биде дел на идната изборна програма.

„Да знаат 500-те најдобрите студенти на јавните универзитети дека државата стои позади нив. Тие се труделе, оствариле висок просек, биле добри студенти, активно придонеле за општеството и општеството на нив ќе им возврати. Да знаат младите луѓе дека има предвидлива даночна политика во оваа држава. Секој месец се менуваат законите. Имаме хипер продукција на закони и нај продуктивниот млад човек кога сака да отвори свој бизнис не знае во каква средина го отвара тој деловен потфат. И затоа се согласувам со тоа дека младите не се иселуваат веќе само заради стандардот. Да тоа е една од причините, но гледаме многу успешни луѓе, на врвни менаџерски позиции, млади луѓе наши генерации, како секојдневно заминуваат од нашата држава и се продуктивни и се одлични граѓани, за жал, во одредени други општества многу далеку од нас“, посочи Муцунски.

Подготвено од М.Д.

About Author