24.11.2023 Скопје
Во април, Венеција ќе започне со тестирање на дневен билет и ограничен пристап на посетители, за што градоначалникот на италијанскиот град најави дека е прва ваква програма во светот.
Локалните власти на прес-конференција соопштија дека намерата е да се управува со протокот на туристи за време на пролетните државни празници и викендите во летните месеци кога бројот на посетители е најголем.
„Ова е прв пат во светот да се преземе вакво нешто, влезот во градот ќе може да се резервира“, изјави градоначалникот Луиџи Бруњаро. Ограничувањата ќе важат од 8.30 до 16 часот по локално време, првично за вкупно 29 дена и ќе ги опфатат повеќето викенди од 25 април до средината на јули следната година.
Патниците ќе треба да ја резервираат својата посета преку Интернет и да платат пет евра за да добијат QR-код што ќе се скенира на одредени влезни точки и ќе им овозможи пристап до историските области на градот.
Ограничувањата нема да важат за помалите острови во лагуната, како што е островот Мурано, познат по својата индустрија за производство на стакло. Оние кои нема да ја почитуваат оваа мерка потенцијално ќе бидат санкционирани со парична казна од 50 до 310 евра.
Жителите, родените во Венеција, студентите, работниците и сопствениците на куќи во градот ќе бидат ослободени од мерката, рече советничката Микеле Зуин. Посетителите помлади од 14 години ќе треба да се пријават, но нивниот пристап ќе биде бесплатен.
Масовниот туризам и поплавите долго време го мачат кревкиот лагунски град познат по своите канали и културни знаменитости.
„Сакаме да го измериме ефектот на овој пробен период, сакаме да го измериме ефектот на оваа способност за резервација“, рече Бруњаро.
Се проценува дека експериментот ќе чини три милиони евра наспроти очекуваните 700.000 евра заработка.
Подготвено од А.Ѓ.