gaza vojna so izrael

16.11.2023 Скопје

Вчеравечер, агенцијата УНРВА соопшти дека две училишта на Агенцијата на ОН за помош и работа на палестинските бегалци среде Појасот Газа се погодени и има повредени.

Во соопштението објавено на платформата X, се додава дека има и повредени во одделен напад кога училишна зграда во Рафах на југот на таа палестинска енклава претрпе колатерална штета откако беше погодена зграда во близина.

„Две училишта на УНРВА беа директно погодени, што доведе до оштетувања на зградите и повреди на луѓето кои се засолниле таму. Училиште во Рафа претрпе колатерална штета, а луѓето беа повредени по напад на блиската зграда“, се наведува во соопштението.

Училиштата на УНРВА во Појасот Газа и претходно беа цел на израелски напади.

Минатата недела, најмалку 20 Палестинци беа убиени во израелски напад врз училиштето Ал Бурак во градот Газа. Претходно, најмалку 15 луѓе беа убиени, а 70 ранети кога, на 4 ноември, Израел го нападна училиштето УНРВА во бегалскиот камп Џабалија, кое обезбеди засолниште за илјадници раселени Палестинци.

Еден ден претходно, најмалку 20 луѓе беа убиени, а неколку десетици беа ранети во израелски напад врз училиштето Осама Бен Заид на северот од Појасот Газа, каде што се наоѓаа внатрешно раселените Палестинци, кои се обидоа да најдат засолниште таму.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author