16.11.2023 Скопје
Унгарската влада поднесе до парламентот предлог за нова програма за „златна виза“ како дел од нацрт-законот, со кој се регулира имиграцијата на лица од трети земји во Унгарија.
Нацрт-законот ја воведува категоријата „виза за гостин-инвеститор“, односно за лицата кои доаѓаат во Унгарија и се поврзани со проекти кои добиле статус на „стратешки важна инвестиција“ од владата.
Добивањето на оваа виза е предуслов за аплицирање за дозвола за престој, која на носителот на визата би му овозможила престој во Унгарија 10 години, а може да биде продолжена за уште 10 години, се вели во нацртот.
Новата програма доаѓа откако претходната „шема за златни визи“ беше укината во 2017 година, откако Сириец под санкции на САД доби статус на престој во Унгарија. Програмата, започната во 2013 година, бара од странците да купат унгарска обврзница до 300.000 евра за добие дозвола.
Според предлогот, инвеститорот кој ќе купи удел во унгарски фонд за недвижнини во вредност од 250.000 евра или имот вреден најмалку 500.000 евра во Унгарија, може да ја добие и ознаката „стратешки важен проект“.
Донација од 1 милион евра за фондации за управување со средства од јавен интерес, кои се под лупа на ЕУ за конфликт на интереси со владата, исто така ќе им даде на инвеститорите ознака за „стратешка важност“, отворајќи ја вратата за „статусот на гостин-инвеститор“.
Унгарија бележи прилив на источни инвеститори во последниве години, бидејќи азиските производители на батерии, како што се CATL и Eve-Power, се подготвени да градат свои фабрики во близина на германските производители на автомобили.
Подготвено од А.Ѓ.