09.11.2023 Скопје
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека Украина се уште не е погодна за членство во ЕУ и може да го вовлече блокот во војна.
„Начинот на кој Украина ги крши најфундаменталните права на ЕУ во однос на правата на националните малцинства е особено проблематичен“, рече Сијарто.
„И бидејќи, според проценката на ЕУ, Украина не ги исполни условите за членство, ние не сметаме дека е навремен никаков понатамошен напредок по прашањето за пристапните преговори со Украина“, додаде тој.
Сијарто, исто така, го критикуваше, како што рече, недостатокот на целосна слобода на печатот и слободата на говорот во Украина, како и недостатокот на фер избори.
Министерот за надворешни работи посочи дека влезот на Украина во ЕУ ќе му донесе војна на тој блок „која, очигледно, никој не ја сака“.
„Украина е во воена состојба, таму не се почитува ниту слободата на говорот, ниту слободата на изразување, а избори не се одржуваат“, додаде Сијарто.
Претходно оваа недела, Балаш Орбан, политичкиот директор на унгарскиот премиер Виктор Орбан, изјави дека Унгарија нема да дозволи отворање на преговорите за пристапување на Украина во Европската унија се додека земјата го почитува контроверзниот јазичен закон.
Подготвено од А.Ѓ.