14.11.2023 Скопје
Супермаркетите Лидл се на удар на критики во Франција поради наводни обиди да се сокрие израелското потекло на некои производи и стоки.
Ескалацијата на конфликтот во Газа доведе до повици за целосна забрана на стоката од Израел.
Француските потрошувачи забележале дека Лидл става етикета со африканско или шпанско потекло на авокадото и калинките од Израел. Голем број корисници како доказ објавија фотографии од производите и нивните етикети на платформата „Х“, велејќи дека тоа е скандал во „Лидл“.
„Овој производ наведува дека е увезен од Мароко, но при проверка е јасно дека производот е од Израел“, напиша еден корисник на социјалните мрежи.
Потрошувачите сметаат дека тоа се случува во многу продавници, бидејќи слични ситуации имало и во продавниците „Ошан“ и „Карфур“.
Иако и претходно беа регистрирани случаи на погрешно означување на стоки, нивниот број нагло се зголеми по почетокот на конфликтот на Блискиот Исток на почетокот на октомври и се почести се повиците на пропалестинските активисти за бојкот на израелската стока.
Некои потрошувачи веруваат дека повиците ги принудиле продавниците погрешно да ги означат стоките од израелско потекло за да продолжат да ги купуваат.
Коментирајќи ги овие извештаи, „Шварц груп“, која е сопственик на продавниците „Лидл“, објави дека овие грешки се направени случајно.
„Со оглед на неодамнешните настани на Блискиот Исток, ние сме исплашени од она што се случува во нашите продавници и ја набљудуваме ситуацијата со голема загриженост. Компаниите на „Шварц груп“ ги отфрлаат сите форми на насилство. Нашите мисли се со жртвите на конфликтот“, се наведува во соопштението.
Подготвено од А.Ѓ.