tramp ke izleze pred sudija

07.11.2023 Скопје

Со сведочењето на поранешниот претседател продолжи судењето за граѓанска измама во Њујорк против Доналд Трамп, неговите најстари синови, нивните компании и директори на Организацијата Трамп.

Помошникот јавен обвинител Кевин Валас го испрашуваше Трамп за серија договори за заем меѓу Организацијата Трамп и Дојче банк.

Валас побарал од Трамп да го потврди својот потпис на документите и да потврди дека документите за заемот ги вклучуваат барањата за годишно финансиско известување и минимална нето вредност од 2,5 милијарди долари.

Трамп потврди дека тој лично ги гарантирал сите заеми од Дојче банк за овие имоти, поради што бил обврзан со барањата за ликвидност и нето вредност.

Трамп, исто така, рече дека верува оти пополнил барање за заем за друг имот во Чикаго – Чикаго Интернешнл Хотел и Тауерс.

„Овој заем беше целосно исплатен, без доцнења, без проблеми и банката беше воодушевена. Тие ги вратија сите пари“, рече Трамп.

Во тужбата се наведува дека Трамп ја измамил банката обезбедувајќи лажни, надуени финансиски извештаи за да ги добие заемите и да ги одржува во годините по првичната трансакција.

За време на ова испрашување, адвокатот на Трамп, Крис Кис, повторно покрена приговор за застареност, кој беше одбиен.

По спорното утро и тензичната размена меѓу Доналд Трамп и судијата Артур Енгорон на судењето за граѓанска измама во Њујорк, тимот на поранешниот претседател е задоволен од начинот на кој тој досега го водеше сведочењето и како се одвиваше.

Доналд Трамп се пожали на нефер третман и постојано се судруваше со судијата Енгорон.

„Ова е политички лов на вештерки и мислам дека треба да се срами од себе“, рече тој.

Судијата го предупреди Трамп, фаворит за номинација на републиканците во 2024 година, дека ќе го прекине неговото сведочење доколку не одговори директно на прашањата.

„Господине Кис, можете ли да го контролирате вашиот клиент?“, го прашал Енгорон адвокатот на Трамп. „Ова не е политички митинг. Ова е судница“, додаде тој.

Граѓанската тужба против Трамп во која се тврди дека има надуени средства и лажни финансиски извештаи започна минатиот месец по пресудата на судијата Артур Енгорон кон крајот на септември, според која Трамп и неговите соработници, кои исто така се обвинети во случајот, се одговорни за „упорна и повторена“ измама.

Трамп ги обвини судските власти дека посветуваат премногу внимание на неговиот бизнис по победата на претседателските избори во 2016 година.

Ќерката на Трамп, Иванка, треба да сведочи во среда, иако таа не е обвинета во случајот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author