https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Panorama_na_Tetovo_02.JPG

01.11.2023 Скопје

Во медиумите вчера проструи информација дека на седница на Советот на Општина Тетово била усвоена одлука за прием на донација со која фирмата „Збукурими“ од село Џепчиште се обврзала дека ќе ја „донира“ изработката на четири Детални урбанистички планови.

Од граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ истакнуваат дека законската регулатива и онака е матна во овој контекст, и дозволува иницијатор за промена на урбанистички план да биде било кое заинтересирано правно или физичко лице, кое по прифаќањето на иницијативата од страна на Општината, се обврзува да ја финансира и изработката на планот за кој тоа лице поднело иницијатива. Но, во овој случај фирмата се јавува како донатор, а не како иницијатор.

Претседателот на Советот, г. Бесар Дурмиши, има изјавено за медиумите дека не го знае точно мотивот на фирмата за давање на ваква донација, но претпоставува дека тоа е во знак на благодарност кон Општината, бидејќи во минатото Општината на некои фирми им има завршено работа, додека на други не. Понатаму, Дурмиши има изјавено дека „Збукурими“ ќе гради на друго место, не во делот за каде ја финансира изработката на плановите.

Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ со објава на својот Фејсбук профил постави неколку прашања јавно до г. Дурмиши, до членовите на Советот на Општина Тетово и до општинските служби:

1. Дали „Збукурими“ се оддолжува за нешто на Општината?

2. Што подразбира Дурмиши кога вели дека Општината „завршува“ работа, па фирмата е благодарна? Општината е должна да постапи согласно закон во сите управни постапки и процеси, и во таа смисла секое „завршување“ на работа кое повлекува посебна благодарност може да се смета како издавање од Општината некаков документ (одобрение, дозвола и др.) незаконски.

3. Не мисли ли Дурмиши дека „Збукурими“ ја подмитува Општината на овој начин?

4. Како претседавач на Совет на Општина е запознаен кој каде ќе гради во иднина, кога тоа не е во негова надлежност?

5. Во колку предмети со Општина Тетово во моментов една од страните е фирмата „Збукурими“?

„Наредниов период ќе поднесеме претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поради основани индиции дека ваквите донации претставуваат коруптивно поведение“, се наведува во објавата на „Тетово сака парк“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author