stoltenberg nenajavena poseta na kiev

11.11.2023 Скопје

Потенцијалната руска победа во конфликтот во Украина се заканува да го ослаби НАТО како сојуз, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференција во Берлин.

Според него, победата на Русија во Украина не само што би била трагедија за Киев, туку би претставувала и ризик за НАТО, бидејќи би го направил ранлив.

„Мораме да продолжиме да им го даваме на Украинците оружјето што им е потребно за да останат силни на бојното поле, за утре да бидат силни на преговарачката маса“, додаде Столтенберг.

Тој изјави дека во најдобар интерес на НАТО е да продолжи да ја поддржува Украина.

„Воената поддршка за Украина треба да донесе долгорочно и праведно решение за кризата поблиску“, рече Столтенберг на прашањето за ризиците од намалувањето на помошта за Украина додека конфликтот се одолговлекува.

Столтенберг се сретна со германскиот министер за одбрана Борис Писториус и му се заблагодари за неговото лидерство во трансформацијата на Бундесверот и за големиот удел на Германија во зајакнувањето на одбраната на НАТО, соопшти НАТО.

Генералниот секретар нагласи дека новите насоки на германската одбранбена политика ја покажуваат нејзината посветеност за зголемување на трошоците за одбраната.

„Потребен ни е силен Бундесвер, кој е подготвен да се бори во срцето на алијансата“, рече тој, поздравувајќи ја јасната определба на Германија да инвестира два отсто од БДП во одбраната до следната година.

„Ова ја одразува германската одговорност и германското раководство“, додаде тој.

Столтенберг во четвртокот се сретна и со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author