28.11.2023 Скопје
Пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, изјави дека безбедносните прашања, пред се случувањата на Блискиот Исток и Украина ќе бидат главни теми на оваа дводневна средба. Воедно, додаде дека ќе стане збор и за глобалните предизвици на Пактот, првенствено поврзани со Кина, членството на Шведска, како и состојбите на Западен Балкан.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека неодамна се има вратено од посета на регионот на Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Северна Македонија и се сретна со лидерите од регионот, а она што се гледа таму е дека тензиите се зголемуваат, „подбуцнувачка реторика во Босна и Херцеговина, сериозни инциденти на насилство во Косово, вклучително и напад врз мировниците на НАТО, при што беа ранети војници на НАТО, некои од нив сериозно, како и инцидентот во Бањска, при што беа убиени три лица“.
Според Столтенберг, ова претставуваат сериозни инциденти и НАТО мора да остане фокусиран на Западниот Балкан.
„НАТО ќе направи се што е потребно да одржи и да гарантира стабилност на регионот, бидејќи тоа не е важно само за Западниот Балкан, туку и за цела Европа и НАТО. Ние сме приутни таму, работиме со силите на ЕУ во Босна и Херцеговина и имаме присуство во Косово и во сенка на зголемените тензии испративме 1.000 дополнителни војници. Ќе продолжиме да работиме со сојузниците и партнерите во регионот за да превенираме ескалација“, порача Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО го поздрави продолжувањето на хуманитраната пауза во конфликтот на Блискиот Исток, нагласувајќи дека тоа ќе овозможи многу потребното олеснување на луѓето од Газа, ослободување на уште заложници, како и дистрибуција на хуманитарна помош.
Тој ги поздрави најавите за помош за Украина од страна на Германија во износ од осум милијарди евра и од Холандија од две милијарди евра, воспставувањето на центар за обука на украинските пилоти за управување со авионите Ф-16 во Романија, испраќањето на дополнителна противвоздушна одбрана и формирањето на Коалицијата за воздушна одбрана за Украина од страна на 20 членки на Алијансата.
Столтенберг нагласи дека министрите на состанокот ќе ја потврдат долгорочната поддршка на НАТО за Украина, најавувајќи дека на утрешното прво заседание на Советот НАТО-Украина на ниво на министри за надворешни работи ќе учествува и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба.
Тој нагласи дека и покрај некои предвидувања на почетокот на агресија на Русија врз Украина дека руските сили за неколку недели ќе бидат во Киев, тоа не се случи туку напротив украинските сили ослободија половина од окупираната територија на почетокот на инвиизјата.
Во однос на шведското членство во НАТО, Столтенберг истакна дека се надевал оти на овој состанок Шведска ќе стане полноправна членка на НАТО, но дека тоа не се случи, но го поздрави започнувањето на процесот на ратификација на протоколот за прием на Стокхолм во турскиот Парламент и изрази надеж дека тој ќе заврши што е можно побрзо.
Генералниот секретар на НАТО нагласи дека Анкара има легитимни безбедносни грижи поврзани со тероризмот, потсетувајќи дека Курдската работничка партија (ПКК) не прогласена за терористичка организација само во Турција, туку и во други земји, па затоа сојузниците мора да работат заедно на отстранување на таа сериозна турска загриженост.
Подготвено од А.Ѓ.