jugoslavija'

23.11.2023 Скопје

Во новиот Извештај за состојбата со напорите за обезбедување транзициска правда во земјите на поранешна Југославија на Советот на Европа се наведува дека неуспехот на земјите од поранешна Југославија да се справат со нивното насилно минато има катастрофални последици врз човековите права и на крајот може да доведе до враќање на конфликтот во регионот.

Што се однесува пак до Република Северна Македонија, во извештајот се наведува дека во Судот за воени злосторства во Хаг се водеше еден судски процес. На Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски им се судеше за случајот „Љуботен“ од војната во 2001 година. Четири случаи ѝ беа вратени на Република Северна Македонија, но наместо судска развршница тие беа затворени со собраниска одлука и донесување на Законот за амнестија.

Комесарката за човекови права на Советот, Дуња Мијатовиќ, го објави Извештајот за состојбата со напорите на поранешна Југославија.

Во Извештајот пишува и дека регионот многу има назадувано во барањето правда и одговорност за бруталните војниод 1990-тите во Хрватска, Босна и Косово, во кои загинаа повеќе од 130.000 луѓе.

Исто така, во текстот се наведува и дека влијанието на правните акции по тие војни, како што е формирањето на Судот за воени злосторства во Хаг, и апсењето и осудувањето на многу политички и воени лидери одговорни за масовните убиства, почнуваат да бледнеат и неказнивоста се враќа.

„Постоеше надеж дека националните судови ќе продолжат да ги гонат илјадниците други сторители, но нивниот моментум драстично забави. Етно националистите се политички доминантни во регионот, промовирајќи говор на омраза и негирање на геноцид, како и други злосторства против човештвото“, стои во Извештајот.

Дуња Мијатовиќ, комесарката за човекови права на Советот, истакна дека по судските процеси во Хаг, повеќето од луѓето кои отслужија казна и беа препознаени како воени злосторници се враќаат во своите заедници како херои, што смета е поразително.

Извештајот Мијатовиќ, „Справување со минатото за подобра иднина“, заклучува дека „времето истекува, а жртвите чекаат многу долго“.

Во Извештајот се наведува: „Уште полошо, наративите кои предизвикуваат поделби и омраза што ги предизвикаа војните во 1990-тите се враќаат и повторно добиваат сила. Ова не само што го загрозува помирувањето, туку го загрозува дури и мирот. Неуспехот целосно да се справиме со насилното минато во регионот има катастрофални последици за почитувањето на човековите права и владеењето на правото“.

Се забележува и дека областите во северно Косово каде што се населени претежно Срби неодамна покажаа точка на вриење, потенцирајќи дека на 24 септември, се случи престрелка во близина на православен манастир во селото Бањска меѓу силно вооружена паравоена група Срби и косовската полиција. Во оваа престрелка, тројца српски вооружени лица и еден полицаец од етничкото албанско мнозинство беа убиени и за истата владата во Приштина го обвини српското раководство во Белград.

Додека пак, во Босна и Херцеговина, како што се наведува во извештајот, половината од земјата управувана од Срби, Република Српска, која беше создадена главно со етничко чистење во војната од 1992-1995 година, е предводена од милитантниот сепаратист, Милорад Додик, кој го опишува геноцидот во Сребреница во 1995 година како „измислен мит“. Во Извештајот се потенцира дека Додик и српскиот претседател Александар Вучиќ имаат блиски врски со Москва.

Мијатовиќ, чиј мандат истекува во март 2024 година, во својот извештај наведува дека руската поддршка за српските десничарски активисти и организации е повеќеслојна и се протега од поддршка за онлајн активностите па сѐ до воена обука.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин планира да поттикне обновен конфликт во поранешна Југославија.

Подготвено од М.Д.

About Author