06.11.2023 Скопје
Во кинеската провинција Хејлонгџијанг училиштата се затворени, а летовите се откажани поради снежната бура што невообичаено рано ја зафати североисточна Кина.
Откажани се 49 летови, но аеродромот во Харбин, главниот град на провинцијата, се уште работи.
Во поголемиот дел од Харбин, поради снежното невреме се затворени основните и средните училишта, градинките и некои универзитетски кампуси. Наставата беше прекината и во провинциите Лиаонинг и Џилин.
Силен снег падна и во провинциите Внатрешна Монголија, Хебеј, Џилин и Лиаонинг.
Кинеските метеоролози претходно предупредија на нагло опаѓање на температурата, која придружена со снег и невреме ќе погоди неколку градови.
Централната метеоролошка опсерваторија извести дека во многу региони температурата се намалила за шест до 10 степени Целзиусови, а во некои региони се очекува пад за повеќе од 16 степени.
Во текот на изминатите седум дена, северна Кина се соочи со временски контрасти од смог до најтоплиот октомври во последните неколку децении, а потоа со остар пад на температурите во текот на викендот.
Подготвено од А.Ѓ.