kamion

30.11.2023 Скопје

Почнувајќи од петок, 1 декември, словачките возачи на камиони ќе го блокираат главниот граничен премин со Украина, придружувајќи им се на своите колеги од Полска.

Полските возачи на камиони блокираа неколку гранични премини со Украина од 6 ноември барајќи построги услови за нивните украински колеги.

Полските и словачките транспортери се жалат дека нивните колеги од Украина нудат поевтини цени за нивните услуги и дека транспортираат стоки во рамките на ЕУ, а не само меѓу Унијата и нивната земја.

Словачките камионџии одржаа симболичен протест на почетокот на месецов, но најавија блокада на преминот Висна Немецке-Ужород од петок, 1 декември.

„Целта на протестот е да им се придружиме на нашите колеги од Полска. Не можеме да ги оставиме сами во оваа борба“, се вели во соопштението на Словачкиот сојуз на товарни транспортери.

Преминот Висна Немечка е единствениот долж словачко-украинската граница отворен за тешки товарни возила.

Унијата нагласува дека нема да го блокира преминувањето на хуманитарна помош, воена поддршка или гориво.

Полската влада малку порано најави дека ќе изврши зголемена контрола на украинските камиони на патиштата што водат кон границата како дел од напорите за „смирување“ на полските транспортери.

Полските превозници ги блокираа главните гранични премини со соседна Украина во последните три недели поради, како што велат, нелојалната конкуренција од украинските колеги.

Тие бараат повторно воведување на дозволи за влез на украински камиони во ЕУ, кои Унијата ги укина по почетокот на конфликтот во февруари минатата година.

Варшава и Киев почнаа разговори со ЕУ, кои се уште не донеле решение за спорот.

Малку порано, Европската комисија го осуди „речиси целосниот недостаток на учество на Полска во напорите да се стави крај на протестите на камионџиите“.

Мислам дека ситуацијата на полската граница со Украина е целосно неприфатлива, изјави европскиот комесар за транспорт Адина Валеан.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author