03.11.2023 Скопје
Шведска го гради првиот постојан електрифициран пат во светот кој ќе ги полни електричните возила додека се во движење. Државата веќе реализираше четири пилот проекти, односно изгради четири привремени електрифицирани патишта, вклучувајќи го и градот Лунд. Но, оваа патна делница од 21 километар ќе биде постојана.
Електрификуваниот пат го гради шведскиот транспортен орган Трафикверкет, кој во моментов работи на изнаоѓање изведувач за проектот. Трафикверкет сè уште не ја избрал технологијата за полнење за револуционерниот проект, но дизајнот и изградбата се очекува да бидат завршени во 2025 година, а набргу потоа патот ќе биде отворен за сообраќај.
Трафикверкет разгледува три опции, надземни инсталации, електрични шини вградени во асфалтната површина кои ја пренесуваат ЕВ енергијата преку проводник под возилото или индуктивни намотки вградени на патот кои безжично ја пренесуваат електричната енергија до возилото.
Електрификуваниот пат ќе биде поставен на автопатот Е20, меѓу Халсберг и Оребро. Автопатот минува помеѓу Стокхолм на север, преку Гетеборг и Малме на југ – и намерно е избран бидејќи е сообраќаен коридор за комерцијален транспорт на стоки. Го има и потребното напојување.
Шведскиот универзитет за технологија Чалмерс објави студија во март, во која се сугерира дека комбинацијата на електрифицирани патишта на 25 отсто од најпрометните национални и европски патишта и домашно полнење на електрични возила би било оптимално за преминот кон електрични возила.
Научниците тврдат дека тогаш батериите во електричните возила би можеле да бидат значително помали.
Подготвено од А.Ѓ.