13.11.2023 Скопје
Швајцарија го укинува даночното ослободување за увоз на електрични возила, бидејќи нивниот зголемен број на швајцарските патишта сериозно ги намали даночните приходи на земјата. Од 1 јануари електричните возила подлежат на увозна такса од четири отсто, исто како и возилата со фосилни горива.
Електричните возила се ослободени од плаќање данок откако се појавија на пазарот во 1997 година. Владата тогаш сакаше да воспостави стимулации за купување електрични автомобили, но сега, според неа, „ситуацијата е значително променета“.
„Сојузниот совет смета дека даночното ослободување како стимул повеќе не е неопходно, со оглед на наглото зголемување на учеството на увезените електрични возила во вкупниот увоз и приближувањето на цените“, соопштуваат од Владата.
Помеѓу 2018 и 2022 година, годишниот увоз на електрични возила порасна речиси шест пати, од околу 8.000 на повеќе од 45.000 возила. Во првата половина од годинава во Швајцарија се увезени околу 30.400 електрични возила, што е скок од 66 отсто во однос на истиот период лани. Годинава електричните возила учествуваа со речиси четвртина од вкупниот увоз на автомобили, додека во првата половина од 2022 година тој изнесуваше 16 отсто.
„Ова зголемување претставува значително намалување на приходите од царина“, велат од Владата. За 2022 година даночниот недостиг поради даночното ослободување за електричните возила изнесуваше околу 78 милиони швајцарски франци, додека годинава треба да се зголеми на меѓу 100 и 150 милиони швајцарски франци, проценува владата.
Подготвено од А.Ѓ.