14.11.2023 Скопје
Швајцарија има намера да ги задржи своите нуклеарни централи да работат подолго од претходно планираното поради стравувањата од недостиг на електрична енергија.
Тоа го отсликува трендот во другите европски земји, каде што плановите за користење нуклеарна енергија се прошируваат, објави Блумберг оваа недела, цитирајќи големи швајцарски комунални претпријатија.
Според Светската нуклеарна асоцијација, земјата има четири нуклеарни реактори кои произведуваат до 40 отсто од електричната енергија. Во 2017 година, таа одлучи постепено да ја укине нуклеарната енергија, но не постави краен рок за затворање на централите, оставајќи им на операторите да работат се додека се сметаат за „безбедни“.
Енергетската криза и загриженоста за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија ги натераа швајцарските компании да го „продолжат животот“ на реакторите, при што големите компании како Акспо Холдинг и Алпик Холдинг веќе ја продолжија планираната употреба на нивните нуклеарни централи на 60 години, од претходната цел од 50 години.
Тоа значи дека тие треба да работат до околу 2040 година, изјавија за Блумберг портпаролите на тие компании.
„Alpiq“ дури размислува за продолжување од 80 години и проценува како таквиот потег би влијаел на безбедноста, инвестициите и профитабилноста, велат од агенцијата. Одлуката го одразува поширокиот тренд низ ЕУ, при што Франција, Белгија и Финска исто така работат на продолжување на животниот век на нивните реактори бидејќи очекуваат зголемена побарувачка за електрична енергија поради недостаток на обновливи извори.
Меѓутоа, Германија ги затвори своите последни нуклеарни централи во корист на обновлива енергија во април, ставајќи крај на повеќе од шестдецениската комерцијална употреба на тој вид енергија.
Таа одлука, сепак, доведе до недостиг на електрична енергија и ја принуди најголемата економија во ЕУ да го зголеми увозот на електрична енергија – произведена во француските нуклеарни централи и електрани на јаглен во Чешка.
Подготвено од А.Ѓ.