30.11.2023 Скопје
Секоја одлука на Финска да дозволи „концентрација“ на силите на границата со Русија – долга 1.340 километри – Москва би ја сметала за закана.
Кремљ го објави ова во средата, откако Полска понуди да испрати свои воени советници да му помогнат на Хелсинки да ја контролира целосно затворената граница.
Државниот секретар и шеф на полската канцеларија за национална безбедност, Јацек Сиевиера, доцна во вторникот во објава на социјалната мрежа Х, порано Твитер, рече дека Полска ќе испрати воени советници до својот нов сојузник во НАТО, Финска, како одговор на „официјалното барање за поддршка од сојузниците во соочувањето со хибриден напад на финската граница“.
„Тим од воени советници ќе го споделат своето знаење на теренот за безбедноста на границите, исто така во оперативна смисла“, рече тој.
Ова, според Американскиот институт за проучување на војната (ISW), ќе биде одговор на тековните обиди на Русија вештачки да создаде мигрантска криза на финско-руската граница, како дел од добро познатата руска тактика за хибридно војување чија цел е дестабилизирање на НАТО и ЕУ, поради што Финска сега привремено ја затвори целата граница со соседната земја.
Финска затвори седум од осумте патни премини со Русија во текот на месецот, а Хелсинки во вторникот објави дека ќе го затвори последниот отворен граничен премин Раја-Џосепи во финскиот арктички регион од 30 ноември до најмалку 13 декември, две недели по тоа Москва, според ISW, вештачки создаде мигрантска криза на финската граница, која почна да ескалира кон средината на месецот.
Потоа имаше невообичаено голем проток на баратели на азил на границата, за кој Хелсинки исто така верува дека претставува хибриден напад организиран од Москва, што Кремљ го негира. Финците сметаат дека руската разузнавачка служба ФСБ контролира кому ќе му биде дозволено да влезе во граничната зона.
Руски извори, вклучително и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков и истакнат воен блогер поврзан со Кремљ, реагираа негативно на објавата на Сивиера, велејќи дека е „претерано“ и има за цел да ја подготви Финска за конфликт со Русија на Арктикот.
„Ова е апсолутно непотребна мерка за обезбедување на безбедноста на границата бидејќи таму нема закана“, рече Песков.
„Финците мора јасно да бидат свесни дека тоа ќе претставува закана за нас – зголемување на концентрацијата на воените единици на нашите граници“, додаде тој.
Секое планирано распоредување би било неиспровоцирано и неоправдано, рече Песков.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, претходно изјави дека Русија „секако“ ќе одговори доколку Финска ги затвори сите гранични премини меѓу двете земји, но не прецизираше каков може да биде одговорот на Москва.
Финска, пак, во средата извести дека не е запознаена со полската понуда. Финските граничари и Министерството за внатрешни работи соопштија дека не биле запознаени со какви било планови да се донесат полски воени советници на источната граница на Финска.
Иако Сиевиера, според ISW, во вторникот рече дека за време на официјалната посета на Полска, финскиот претседател Саули Ниинисто побарал „сојузничка поддршка“, канцеларијата на Нинистов соопшти дека Ниинисто разговарал со неговиот полски колега Анджеј Дуда минатата недела во Варшава, но дека не разговарале за воена соработка на финската граница со Русија.
Финска го налути Кремљ претходно оваа година кога се приклучи на НАТО, ставајќи крај на децениското воено неврзување поради војната во Украина.
Полска од прва рака го доживеа ефектот на руската хибридна војна на нејзините граници за време на мигрантската криза во есента 2021 година, а Финска, според аналитичарите на ISW, најверојатно ќе сака да го искористи полското знаење за таквите кризи за ефективно да се справи со моменталната ситуација на нејзината граница.
„Целта на мисијата е да се пренесе искуството што Полска го стекна во ова време“, објасни самиот Јацек Сиевиера.
Според финската гранична стража, околу 900 баратели на азил влегле во земјата од Русија во текот на ноември, во споредба со просекот помалку од еден дневно претходно. Пристигнувањата се регистрирани главно на државјани на земји како Мароко, Пакистан, Сомалија, Сирија и Јемен.
Голем дел од нив на граница пристигнаа со велосипеди на температури кои се спуштаат до -20 Целзиусови степени и пониски.
Драматичното зголемување на бројот на мигранти од Африка и Блискиот Исток кои пристигнуваат на источната граница на ЕУ е дел од „очигледен хибриден напад“ организиран од Москва, рече министерот за надворешни работи на Естонија, предупредувајќи дека премините од Русија би можеле да бидат целосно забранети.
Во изјавата во средата, Маргус Цахна рече дека Естонија е „подготвена да ја затвори границата со Русија“ доколку ситуацијата продолжи. Растечката криза, додаде тој, е дополнителен доказ дека Русија не се бори само во Украина – наместо тоа, таа е закана за другите земји.
Во исто време, естонскиот министер за внатрешни работи Лаури Ланеметс рече дека владата планира да се справи со потенцијалното зголемување на премините откако Финска ги затвори сите свои контролни пунктови со Русија во вторникот, обвинувајќи го Кремљ дека се обидува да ја поттикне мигрантската криза.
Подготвено од А.Ѓ.