dogovor po studenata vojna

08.11.2023 Скопје

Членките на НАТО ја осудија одлуката на Русија официјално да се повлече од Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа (CFE), клучен договор по Студената војна.

Сепак, од седиштето на НАТО во Брисел во исто време соопштија дека имаат намера исто така да го суспендираат договорот „колку што е потребно“, во согласност со нивните права според меѓународното право.

„Оваа одлука е целосно поддржана од сите членки на Алијансата. Земјите од НАТО ја повторуваат својата недвосмислена посветеност за намалување на воениот ризик и спречување конфликти. Сојузниците на НАТО сакаат да изградат доверба врз основа на клучните принципи на реципроцитет, транспарентност и на тој начин да придонесат за мирот и безбедноста“, се вели во соопштението за печатот на Алијансата.

Претходно НАТО соопшти дека повлекувањето на Русија од договорот е „последниот во низата потези кои систематски ја поткопуваат евроатлантската безбедност“.

Претходно, Русија официјално се повлече од CFE, кој беше дизајниран да го деескалира потенцијалниот конфликт меѓу Истокот и Западот.

„Тој меѓународно правен документ, кој нашата земја го суспендираше во 2007 година, конечно ни стана историја“, беше објавено на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.

Тој договор од 1990 година, преговаран и склучен на крајот на Студената војна и потпишан една година по падот на Берлинскиот ѕид, постави ограничувања за распоредување на воена опрема со цел да се одржи воената рамнотежа меѓу НАТО и земјите од тогашната Варшава.

Русија го суспендираше своето учество во договорот во 2007 година, а активното учество во 2015 година.

Во мај 2023 година, рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за откажување на договорот, кој НАТО го оцени како „поткопување на евроатлантската безбедност“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author