hakeri

21.11.2023 Скопје

Министерството за внатрешни работи на Хрватска соопшти дека се идентификувани повеќе од 39 осомничени во големата акција против сексуална злоупотреба на деца на Интернет во Западен Балкан, како дел од кампањата „Мозаик“ во која учествуваше и хрватската полиција.

Целта на акцијата, во која учествуваа Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Унгарија, беше да се разоткријат сексуално злоставуваните деца на Интернет и да се спречат нови случаи, како и да се обезбеди безбедност на потенцијалните жртви и да ги санкционира насилниците.

Во акцијата, од 6 до 19 ноември, хрватската полиција идентификувала осум сторители на кривични дела, извршила девет претреси во куќите на осомничените, од кои биле запленети над 50 уреди за складирање на дигитални податоци.

Во акцијата идентификувана е една жртва од Хрватска, која е згрижена во текот на кривичната истрага и било спречено секое натамошно злоставување. Засега полицијата потврди дека осомничените хрватски државјани сториле вкупно седум кривични дела, а дел од кривичната истрага се уште е во тек, наведуваат во соопштението.

Акцијата „Мозаик“ беше предводена од словенечката полиција, а координирана од Европол во рамките на Европската мултидисциплинарна платформа за борба против кривични дела (EMPACT).

Во земјите-учеснички, беа спроведени 41 рација, „продолжувајќи со истрага за дистрибуција на слики и видеа кои прикажуваат сексуална злоупотреба на деца, што резултираше со апсење на тројца осомничени и обвиненија за сторени кривични дела поврзани со дистрибуција на слики од злоупотреба на деца“.

За време на акциите, одземени се повеќе од 200 предмети со слики или видеа од сексуална злоупотреба на деца, вклучувајќи компјутери, мобилни телефони, компјутерски сервери и мемориски картички.

Европол помогна во размената на информации меѓу сите инволвирани земји и дополнително ја зајакна оперативната слика во регионот со вкрстување на запленетите податоци и обезбедување разузнавачки информации за продолжување на истрагите во регионот и пошироко.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author