16.11.2023 Скопје
Хрватското Министерство за земјоделство соопшти дека на фарма за мисирки во општина Ориовац, во Бродско-посавинската жупанија, е откриен птичји грип и наредено е да се спроведат мерки за спречување на понатамошно ширење и за контрола на болеста.
„Откако Министерството за земјоделство на 14 ноември добило дојава за сомнителен птичји грип од ветеринарна организација поради забележана зголемена смрт на животни во објектот со гоење мисирки, ветеринарите извршиле земање мостри од животните, а со прелиминарен лабораториски извештај денеска е потврден птичји грип“, се наведува во соопштението.
Државниот инспекторат нареди да се спроведат мерки во тој објект со цел да се спречи понатамошното ширење и контрола на болеста во согласност со регулативата на ЕУ, што вклучува ставање на објектот под официјален надзор, забрана за движење на животни до и од домаќинството и други мерки.
„Во согласност со европската легислатива, а поради епидемиолошките показатели кои укажуваат дека се работи за високопатоген птичји грип, во наредните денови ќе се врши превентивно убивање на животните“, додаваат од Министерството.
Во соопштението се потсетува дека во Хрватска на сила е наредбата за мерки за спречување на појава и ширење на птичји грип, со која е пропишано задолжително чување на живина во оградени површини на начин што е невозможен секаков контакт со диви птици и други мерки. насочени кон спречување на појавата на болеста.
Од Министерството додаваат дека сточарите и другите релевантни физички или правни лица се должни без одлагање да пријават кај ветеринарот доколку постои сомневање за болест, појава на невообичаени смртни случаи или намалување на производството.
Подготвено од А.Ѓ.