06.11.2023 Скопје

Десетици демонстранти се собраа денеска пред турското Министерство за надворешни работи во Анкара, обвинувајќи ги САД за соучесништво во убиството на палестинските цивили во Појасот Газа, додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговараше со шефот на турската дипломатија во таа зграда.

Учесниците на протестот вееја турски и палестински знамиња и носеа транспаренти против САД и Израел, наведувајќи дека се членови на исламистичка група.

Полицијата претходно растера група студенти кои маршираа кон зградата на министерството и извикуваа: „Блинкен убиецо, оди си од Турција!“.

Ова е втор ден протести против посетата на Блинкен на Турција.

Турската полиција употреби солзавец и водени топови во неделата додека илјадници пропалестински демонстранти се обидоа да влезат во воздушната база што ја користат американските војници во јужна Турција. Неколку стотици демонстранти маршираа до американската амбасада во Анкара, извикувајќи „Господ е голем“.

Блинкен денеска во Анкара разговараше со Фидан за ситуацијата во Појасот Газа, но неговиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој ги критикуваше САД за „неограничената поддршка за Израел“ не беше закажан.

Ердоган остро ја критикуваше израелската офанзива во Газа, нарекувајќи ги акциите „злосторства против човештвото“ и рече дека ја прекинува комуникацијата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но дека Турција не сака да ги прекине врските со Израел.

Турција го отповика својот амбасадор во Израел, како што се вели, „поради консултации“.

Блинкен претходно ги посети Израел, Јордан, Западниот Брег, Кипар и Ирак како дел од посетата на земјите од Блискиот Исток. Блинкен синоќа, за време на ненајавената посета на Ирак, изјави дека американските власти работат на тоа да обезбедат пауза во борбите во Газа, да овозможат пристигнување на поголема помош во областа и ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *